ДИМИТРОВ ГИ ЗАГРОЗИ НАШИТЕ ПОЗИЦИИ ВО ОДНОС НА БУГАРИЈА Новите преговори водат кон враќање на довербата
Проблемите не се само политички, двете општества се реално оддалечени едно од друго многу повеќе отколку пред година и пол. Но, за само една недела се направи многу повеќе отколку што се направи за една година, истакна поранешниот спецјален претставник на владата за преговорите со Софија, Владо Бучковски.
Ме изненади нападот на поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров врз актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи во поглед на преговорите со Бугарија, рече поранешниот специјален претставник на владата за преговорите со Софија, Владо Бучковски, на вечерашното гостување на ТВ24.
– Неговите изјави ме изненадија и сум прилично зачуден. Непотребно ги загрози нашите позиции во однос на Бугарија. Станува збор за искусен политичар и тоа беше неочекувано од негова страна – рече Бучковски.
Според него, новите преговори помеѓу Скопје и Софија водат кон придвижување и кон враќање на довербата, а како што рече, ќе треба да почекаме за да почнат со работа работните групи.
– Идеален рок за првите очекувања ќе бидат во првите трите месеци, а за мене е важно кој сè ќе влезе во тие групи. Проблемите не се само политички, двете општества се реално оддалечени едно од друго многу повеќе отколку пред година и пол. Но, за само една недела се направи многу повеќе отколку што се направи за една година. Во Бугарија има една критичка јавност која не е превладувачка, но која прави реални анализи. Доминира повеќе говорот на омраза кај бугарските политичари – рече Бучковски.
Тој смета дека не треба да се брза со работата на мешовитата историска Комисија.
– Нема потреба од форсирање и од брзање Таму повеќе работи се случуваат меѓу двете заседанија на Комисијата. Таму постојано се разменуваат автентични документи и мислења, врз основа на кои треба да се постигнат резултати – појаснува Бучковски.