Димитриевски: Во Куманово е отворен првиот Младински центар во државата

401

Општина Куманово во соработка со Владата и Агенција за млади и спорт денеска го отвори првиот Младински центар во државата.

На настанот присуствуваа и се обратија премиерот Зоран Заев, Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и заменик директорот на АМС, Авни Рустеми. 

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитривски изјави дека голема е честа да се отвори првиот Младински центар во државата токму во оваа општина и што денеска на еден начин општината добива признание во делот на заложбите и работењето на сите младински организации кои во континуитет функционираат во Куманово. 






– Куманово е еден широк колорит и е реален мултиетнички центар којшто го претставуваат сите заедници кои живеат на територијата на нашата држава. Уште поголема е радоста за мене како градоначалник што денеска на еден начин добиваме и признание како општина во делот на заложбите и работењето на сите младински организации кои во континуитет функционираат во нашиот град. Навистина сум пресреќен и во оваа прилика сакам да се заблагодарам на Владата, Агенцијата за млади и спорт, Холандската амбасада, на сите пријатели на нашиот град, но најмногу на младинските организации и младинските луѓе кои даваат несебичен допринос во секојдневниот развој на нашиот град. Едноставно, сите ние се гордееме со сето тоа што вие полни со ентузијазам секојдневно го развивате – потенцираше Димитриевски. 

Во своето обраќање, Димитриевски истакна дека согласно Законот треба да се продолжи заеднички со Советот на општина Куманово да се изнаоѓаат дополнителни средства во делот на сите идни активности на младинските организации.

– Секогаш сметајте на општината како партнер во секој проект, а ние ќе бараме уште поголема поддршка од Владата и од државниот буџет, од Агенцијата за млади и спорт и сите советници коишто доаѓаат сè со единствена цел – да направиме уште поголеми дела за младите луѓе и за идните генерации во нашиот град и држава – посочи Димитриевски.

Поврзани содржини