Излезноста до 11 часот на денешното гласање за вториот изборен круг за локалните избори е 14,18 отсто, информираше Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК).
Гласањето на вториот круг од локалните избори на сите избирачки места се одвива нормално, освен со многу мали и незначителни технички проблеми кои веќе се надминати, истакна тој.
– Вкупно, до 11 часот, гласале 160.035 граѓани. По општини, во Ранковце гласале 38,2 отсто, во Вевчани гласале 31,24 отсто, Демир Капија 30,14 проценти, Пехчево 28,34 проценти, Конче 26 отсто, Пробиштип 24,75 проценти, Лозово 23,51, додека во во општините Сарај, Боговиње има најмала излезност, околу 6 проценти до 11 часот … – истакна Даштевски.
Прекини подолги од еден час утрово имало на избирачкото место 2867/1, на 2831 и 2815 во Скопје, потоа во Сарај на избирачките места 2433, 2435 и 2438, на избирачкото место 2652 во Карпош, во Чешиново-Облешево на избирачкото место 0887 и во Зелениково на избирачкото место број 2373, каде прекинот траел повеќе од три часа.
– Причините за прекините во Центар и Сарај се немањето на сигнал кога се ставала мемориската картичка, што се банални причини. Оние гласачи кои се вратиле дома ги повикувам да излезат на гласање, затоа што проблемите се надминати – рече Даштевски.