ДИГИТАЛНОТО ЕВРО ДОАЃА ВО 2029 ГОДИНА Одобрување на законската рамка се очекува на крајот на годинава

Најголемите предизвици во преговорите ќе бидат договорот за надоместоците и начинот на кој банките и давателите на услуги за плаќање ќе бидат компензирани.

1

Европскиот парламент и владите на земјите-членки влегуваат во последната фаза од преговорите за воведување на дигиталното евро, откако вчера претставниците ја потврдија својата преговарачка позиција во Стразбур. Најголемите предизвици во преговорите ќе бидат договорот за надоместоците и начинот на кој банките и давателите на услуги за плаќање ќе бидат компензирани, пишува Euronews.

Дигиталното евро е замислено како електронска форма на пари од централната банка, кои би ги издавала и гарантирала Европската централна банка (ЕЦБ). Неговата цел не е да ги замени готовината или постојните банкарски услуги, туку да ги надополни.






Граѓаните би ги чувале дигиталните евра во посебен дигитален паричник, а ограничувањето на износот што може да се чува сè уште не е утврден. Системот ќе поддржува онлајн и офлајн плаќања и е дизајниран да гарантира високо ниво на приватност, што значи дека ЕЦБ нема да може директно да ги идентификува корисниците врз основа на нивните информации за плаќање.

Предвидено е Европската централна банка (ЕЦБ) да ја обезбеди основната инфраструктура, додека комерцијалните банки и давателите на услуги за плаќање ќе им нудат услуги за дигитално евро на корисниците.

Според три извори вклучени во преговорите, најчувствително прашање ќе биде постигнувањето договор за таканаречениот „модел на компензација“. Ова се однесува на одлуката за тоа кои финансиски институции треба да бидат компензирани, во кој износ и на кој начин ќе им се плати за обезбедување услуги со дигитално евро.

Друго клучно прашање во преговорите се однесува на поделбата на надоместоците во синџирот на плаќање. Се очекува трговците да плаќаат пониски надоместоци отколку што моментално плаќаат за трансакции со картички.

Најнапредната фаза од преговорите се очекува оваа есен, а конечното одобрување на законската рамка би можело да следи до крајот на годината.

Дигиталното евро треба да стане достапно за плаќања во продавниците од 2029 година, по пилот-програмата што треба да започне во 2027 година.

 

Поврзани содржини