ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ГИ РЕДЕФИНИРА ФИНАНСИСКИТЕ УСЛУГИ Главните поенти од „Finance Talks by EOS“

Мобилните апликации ќе бидат главниот двигател на финансиските иновации, а вештачката интелигенција ги намали загуби за 20% во финансискиот сектор, велат експертите.

0

Дигитализацијата на финансискиот сектор претставува клучен процес за создавање одржлива платформа за раст, а развојот и имплементацијата на нови дигитални алатки и иновации продолжуваат целосно да го менуваат обликот на финансиските услуги. Мобилните апликации, според учесниците на годинешното издание на „Finance Talks by EOS“, ќе станат главната алатка во секторот, а токму во нивниот развој треба најмногу да се инвестира.

Преку дигитални алатки и примена на вештачка интелигенција, финансиските институции успеале да ги намалат загубите за 20%. Истовремено, приходите се зголемиле за 15% како резултат на воведување персонализирани дигитални услуги.






Извршната директорка на EOS Матрикс за Македонија и Косово, д-р Катерина Бошевска, отвори дискусија за водечките трендови во глобалната финансиска индустрија поврзани со дигиталната трансформација.

– Сведоци сме на клучни промени во финансискиот сектор, поттикнати од дигитализацијата, употребата на вештачката интелигенција и бројните иновации. Овие процеси создаваат многу нови можности, но носат и предизвици чие решавање бара силна соработка меѓу сите чинители, особено на мал пазар како нашиот. Мора да ја спроведуваме дигиталната трансформација со забрзано темпо, но паралелно и да ги оптимизираме трошоците. Токму размената на искуства и соработката ќе бидат основа за идниот дигитален развој кој мора да ги задоволи растечките очекувања на корисниците – истакна Бошевска.

На панелот учествуваа Евангелија Калуптси, генерален директор за трансформација и стратегија и член на Управен одбор на Стопанска банка АД Скопје; Александар Џорџевиќ, член на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје; Дане Крстевски, директор за информатичка технологија во Народна банка на Македонија; и Владо Митев, главен извршен директор на IWConnect.

Калуптси истакна дека дигитализацијата е трансформативен процес што „ги менува работите од корен“.

– За овој процес да биде успешен, неопходно е луѓето да бидат подготвени, информирани и активно вклучени во неговата имплементација. Без соодветна поддршка од луѓето, дигиталната трансформација не може да се доведе до крај – нагласи таа.

Иако само 6% од граѓаните досега добиле кредит преку онлајн-постапка, Џорџевиќ смета дека дигитализацијата мора сериозно да се интензивира.

– Тоа значи да го промениме целиот концепт што го познаваме денес. Мораме да го смениме начинот на размислување и начинот на делување – додаде тој.

Крстевски објасни дека Народната банка работи на дигитализацијата на две нивоа – внатрешно и надворешно – што претставува сложен процес кој бара соодветни човечки ресурси, технологија и инвестиции, што на мал пазар е значителен предизвик.

– Потребно е да ги поедноставиме процесите и да ги приспособиме на нашите пазарни услови. Мора да инвестираме паметно и да соработуваме со банките и институциите, особено во критични области како електронската сигурност – додаде Крстевски.

Митев потенцираше дека, од технички аспект, дигитализацијата е прецизна и егзактна наука, но најголемиот предизвик останува едукацијата и создавањето дигитална култура кај корисниците.

– Дигитализацијата креира нови стандарди: брзина, сигурност, доверливост и персонализација. Овие категории и понатаму ќе се развиваат според потребите на пазарот – рече тој.

На „Finance Talks by EOS“ беше заклучено дека речиси 80% од финансиските институции веќе користат вештачка интелигенција за заштита и детекција на измами и злоупотреби. Безбедноста на системите останува приоритет, но потребни се континуирани инвестиции во иновации и развој на пазарот.

Поврзани содржини