ДИ ВЕНС ГИ НАРЕЧЕ КИНЕЗИТЕ „СЕЛАНИ ОД КОИ САД ПОЗАЈМУВА“ Изјавата предизвика бура на кинескиот Фејсбук
Да биде појасно позајмуваме пари од кинески селани за да купиме работи што тие кинески селани ги произведуваат, рече Ди Венс говорејќи за „Фокс Њуз“ на 3 април.
Кина вчера го осуди американскиот потпретседател Џеј Ди Венс затоа што ги нарече Кинезите „селани“ во интервјуто што предизвика широко распространет бес и потсмев на социјалните мрежи во Кина, јавува Си-Ен-Ен.
– Да биде појасно позајмуваме пари од кинески селани за да купиме работи што тие кинески селани ги произведуваат – рече Ди Венс бранејќи ги глобалните царини кои ги наметнаа САД во интервју за „Фокс Њуз“ на 3 април.
Запрашана за коментарите на Венс на денешниот редовен брифинг со новинарите, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ли Џијан рече дека е „шокантно и тажно да се слуша како потпретседателот на САД дава такви неуки и непочитувани забелешки“.
Изјавата на Венс предизвика лавина коментари на кинеската платформа „Веибо“, пандан на Фејсбук во Кина. Хаштагот на забелешките на Венс стана главна тема на социјалната мрежа во понеделникот вечерта, каде што собра 140 милиони прегледи.
„Можеби сме селани, но го имаме најдобриот брз железнички систем во светот, најмоќните логистички способности и водечката вештачка интелигенција, автономното возење и технологијата со беспилотни летала. Зарем таквите селани не се прилично импресивни?“, напишал еден корисник.
Некои од корисниците му забележаа на Венс дека коментарот му е во целосна спротивност со неговите мемоари од 2016 година, каде тој раскажа дека детството го минал во сиромаштија во Апалачија, дел од САД за кој чувствувал дека е заборавен од богатата елита.