Дијаспората во приспивно дувло
Вреди повторно да се укаже дека македонските партии во своите фалби одат дури доттаму дека во Македонија може да се организираат чисти и беспрекорни „скандинавски“ избори. Но има една сериозна разлика, кога станува станува збор пред сè за изборниот цензус, кој во Македонија продолжува да тоне, додека во скандинавските земји редовно е над осумдест отсто.
На изборната апатија на македонската дијаспора сè помалку и се посветува внимание. Освен неколку изјави од Државната изборна комисја, ДИК, и одборјувањето на часовите од страна на некои иселенички организации до истекот на рокот за пријавување за гласање, веќе никој посебно не се загрижува за незаинтересираноста на дијаспората да учествува на изборите.
Дури и да успеаат да „соберат сили“ и да се пријават најмалку 6.540 гласачи во македонското иселеништво, многумина и понатаму го зацврстуваат мислењето дека незаинтересираноста на дијаспората да го го искористи своето уставно загарантирано право на глас е маркантна и несомнена. Како би можело да се најде оправдување за трошењето државни пари за организирање на избори во странство меѓу оние кои ја напуштиле својата земја и се оддалечиле од политиката во неа. Иако овојпат не се слушаат, нема воопшто да изненади доколку наскоро дел од македонски партии повторно истапат со барања дека гласањето во дијспората треба да се суспендира. Високите средства не го оправдуваат лошиот ефект.
Но, нема никакво сомневање дека околу дијаспората и изборите и понатаму се креира атмосфера во која нема разбирање за тие што доброволно, без принуда, „избегале“ од татковината за да служат и работат за туѓи дворови и интереси, наместо да останале и со патриотски чувства да ја делат судбината со сонародниците во матицата земја. Едноставно доминира црно-бело сликање на состојбите. Без оглед дали станува збор за комбинација од разни причини како бојкот, незаинтересираност, разочарност и изборна апатија, исклучително ниската излезност на иселениците на изборите несомнено го поставува прашањето за оправданоста од нивното натамошно учество во изборниот процес. И тоа најмалку на начинот на кој досега се организираше и спроведуваше гласањето во дијаспората, како операција која ризикува да стане целосно бесмислена кога станува збор за можностите да се мобилизира значајно поголем број привремено или трајно отселени граѓани.
Вреди повторно да се укаже дека македонските партии во своите фалби одат дури доттаму дека во Македонија може да се организираат чисти и беспрекорни „скандинавски“ избори. Но има една сериозна разлика, кога станува станува збор пред сè за изборниот цензус, кој во Македонија продолжува да тоне, додека во скандинавските земји редовно е над осумдест отсто. Околу 200.000 шведски граѓани со право на глас живеат во странство, од кои околу една третина гласаат на изборите, а понекогаш имаат и решавачко значење при мошне израмнет изборен резултат. Дел од шведските партии со активна предизборна кампања меѓу избирачите во странство се обидуваат уште повеќе да ја зголемат бројката на тие гласови, ветувајќи им на иселениците олеснување на контактите со државните органи, поволности во однос на намалување на некои даночни стапки кои се однесуваат на нив, како и подобрување на условите за гласање во странство.
Погледнато во таков контекст, македонската дијаспора е речиси целосно изолирана и запоставена во предизборната кампања. И дискриминирана, во однос на условите што ѝ се овозможуваат за гласање, бидејќи, иако не дава некаков поголем одзив, тоа единствено е можно во амбасадите и конзулатите.
Сосема е разбирливо дека трошоците за надоместоци на избирачките одбори и хотелските сместувања се иритирачки и бесмислени, кога се знае дека во голем број македонски дипломатски претставнившта не гласаат повеќе од десетина пријавени избирачи. Но дали такви избирачки одбори, што се испраќаат во дијаспората, се навистина потребни?
Некои земји, како, на пример, скандинавските, веќе со децении наназад овозможуваат, освен во амбасадите и конзулатите, и гласање по пошта за своите изеленици. Оние што немаат пријавено своја адреса во странство, можат сами да го нарачаат изборниот материјал од изборната комисија, преку амбасадите или, пак, од матичната општина во својата земја. Но доколку гласачите веќе се регистрирани на избирачкиот список, тогаш изборниот материјал и гласачките ливчиња автоматски им
се праќаат пред изборите на нивните адреси во странство.
Упорното и тврдоглаво инсистирање гласањето во македонската дијаспора да продолжи на истиот начин, најблаго речено – зачудува. Право на гласање на македонското иселеништво во практика е мошне тешко остварливо, со оглед на големата географска оддалеченост на дипломатските претставнивштва од средините во кои има поголема концентрација на иселеници. Бесмисленоста на целата изборна операција би можела да се илустрира и со следниов пример. За да го остварат своето право на глас, припадниците на бројната македонска заедница кои живееат во јужна Шведска треба да патуваат и до 700 километри до Македонската амбасада во Стокхолм, бидејќи, поради избегнување на мешање на надлежностите, не може да им се овозможи гласање во Македонската амбасада во Копенхаген, во соседна Данска, која се наоѓа на помалку од триесетина километри оддалеченост од Малме.
Но без оглед на сите околности, останува неоспорен и фактот дека гласањето во редовите на дијаспората, – иако голем дел од иселениците живеат во високоразвиените западни демократски земји, – воопшто не се прослави како плод на искачување на повисоки стандарди на скалилото на демократскиот развој, туку едноставно со притисоци и пропаганда дијаспората беше искористена како бонус и мал придонес за засилување на „гласачката машинерија“ на режимот.
Токму затоа, дијаспората и овојпат тешко ќе се извлече од своето мечкино дувло, преспивајќи ги со затнати уши и овие избори, занишана од приспивните тонови од сè поретките апели од татковината – да го искористи своето право на глас.