Дијабетичарите да не очајуваат поради коронавирусот – ако шеќерот е под контрола, тие не се поризични од другите луѓе

Оние пациенти кои повеќе читаат за тековните случувања со коронавирусот, очекувано, се поисплашени, и се јавуваат телефонски да прашаат како да постапуваат и како да се штитат. Стресот е фактор кој го зголемува нивото на крвниот шеќер, така да советите коишто ги даваме се во правец на регулирање на терапијата или зголемување на инсулинските единици и, секако, консултација со психолог или психијатар - вели за Плусинфо, д-р Искра Битовска, ендокринолог на Универзитетската Клиника за ендокринологија во Скопје.

1,612

Имаме пациенти кои одат до таму што буквално не излегуваат од дома, сите потребни производи ги нарачуваат на интернет и со нас се консултираат исклучиво телефонски. Со оглед на неизвесноста на ситуацијата со коронавирусот, не само во нашата земја, туку и на светско ниво, мораме сите да се адаптираме колку што можеме. Тоа особено важи за пациентите со дијабетес, бидејќи кај оваа болест околностите, средината и стресот којшто веќе ни стана секојдневие, се од клучно значење за справувањето со оваа состојба .

Ова, во разговор за Плусинфо, го вели д-р Искра Битовска, ендокринолог на универзитетската Клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболни нарушувања во Скопје. Таа објаснува зошто дијабетичарите се во најризичната група доколку се разболат од коронавирусот, што може да „тргне наопаку“ во тој случај,  но препорачува и како да го намалат ризикот. Д-р Битовска  потсетува и кои правила пациентите да ги применат при влошување на гликемиската контрола за време на болеста ковид-19 и како да ја подобрат нарушената состојба со дијабетесот.






Д-р Искра Битовска

Колку вестите за бројот на заразените, починатите, за раширеноста за вирусот, со коишто сме секојдневно „бомбардирани“ веќе пет месеци , влијаат да ни се крева нивото на шеќерот (гликемијата) во крвта и како тие делуваат кај лицата со дијабетес?

– Оние пациенти кои повеќе читаат за тековните настани поврзани со коронавирусот, очекувано, се поисплашени. Тие се јавуваат телефонски да прашаат како да постапуваат и како да се заштитат. Стресот е фактор кој го зголемува нивото на крвниот шеќер, така што советите коишто ги даваме се во насока на регулирање на терапијата или зголемување на инсулинските единици и, секако, консултација со психoлог или со психијатар .

 Има ли многу случаи на Клиниката здрави луѓе да заболеле од дијабетес токму во оваа епидемија ?

– Пациентите не добиваат дијабетес од полно здравје. Најчесто, при поставувањето дијагноза, дијабетесот постои со месеци, па и со години наназад. Кога пациентот доаѓа во тешка состојба, значи дека многу време имал дијабет, а не знаел.

Веќе пет месеци траат пандемијата и вонредната состојба и кај нас и во речиси целиот свет. Многу се смени начинот на живот, неколку пати имаше и полициски час со комплетна забрана за движење. Колку оваа епидемија влијае токму на лицата со дијабетес?

– Пандемијата секако влијае врз луѓето со дијабетес, коишто може да имаат тешки симптоми и компликации во текот на инфекцијата со ковид -19. Но, ако дијабетесот е добро контролиран, тогаш ризикот за сериозни компликации е сличен како оној кај општата популација. Се препорачува лицата со дијабетес да имаат информации за контакт со нивниот лекар или медицинска сестра, како и на време да обезбедат соодветни количества лекови и материјали за следење на дијабетесот дома, за да немаат потреба да го напуштаат домот ако се разболат.

Што може дополнително да тргне наопаку, ако пациентите со дијабетес се заразат со коронавирусот?  

– Кај лицата со дијабетес кои се заразени со вирусот може да дојде до влошување на гликемиската контрола за време на болеста. Тие треба да ги практикуваат „правилата при болест“, препорачани за каква било стресна состојба, со цел да ја подобрат нарушената состојба со дијабетесот. Исто така, треба веднаш да се јават кај нивниот лекар или медицинска сестра, за совет за тоа како да го следат нивото на шеќер во крвта, какви прилагодувања можеби ќе треба да направат во нивната терапија или исхрана и да добијат соодветна резерва на лекови, особено инсулин.

Има ли посебни препораки за овие пациенти ? 

Освен општите препораки за заштита од вирусот, посебни препораки за лицата со дијабетес во случај на болест се следниве: Внесувајте доволно течности. Следете го нивото на шеќерот во крвта. Следете ја телесната температура. Ако сте на инсулин, следете ги и кетонските тела. Следете ги препораките на вашиот тим здравствени работници.

FOTO Pixabay

Уште од  почеток на пандемијата, се алармира дека лицата со дијабетес се меѓу оние кои имаат  највисок ризик да ја добијат тешката форма на болеста ковид-19. Дали и како дијабетичарите може да го намалат овој ризик?  

– Како што претходно беше посочено, ако дијабетесот е добро контролиран, ризикот за сериозни компликации е сличен како тој на општата популација. Ако луѓето со дијабетес не го контролираат добро дијабетесот и имаат чести варијации на крвниот шеќер, постои поголем ризик за потешка форма на инфекција со ковид-19 во споредба со општата популација, бидејќи е ослабена способноста на организмот да се бори со инфекцијата. Секако дека за време на пандемијата со коронавирусот, речиси и да не беше возможно сите овие мерки да се применуваат, но луѓето со дијабетес кои се свесни за својата состојба, треба секоја слободна минута да работат на себе и на своето здравје.

Како да му „доскокнеме“ на дијабетесот, за да не го добиеме, а како и рано да го откриеме? 

– Целта да се превенира состојбата којашто сè уште не се појавила (на пример, да се превенира преминот од нормогликемија во нарушена гликозна толеранција и дијабетес) е наменета за целата популација. Преку национални кампањи и програми за менување на навиките за исхрана, физичка активност, докажано е дека во голема мера може да се превенира појавата на дијабетес тип 2. Справувањето со дебелината е најважната цел на примарната превенција. А секундарната превенција се базира на раното откривање на болеста дури и во претклиничка фаза (на пример, преддијабетес), за навремен третман според медицина базирана на докази, со цел спречување на компликациите. Кај дијабетесот ова рано откривање може да се спроведе преку мерење на гликемија на гладно, ОГТТ или ХбА1ц. Зборуваме за превенција на компликациите кај лицата со дијагностициран преддијабетес односно дијабетес (пример, превенција од ретинопатија, невропатија), преку постигнување на метаболна контрола, самоконтрола и добра едукација.

 

 

 

Поврзани содржини