ДЕВОЈЧЕ ЗАГИНА ВО ПОЖАР ВО ИЛИНДЕН Се запалила цистерна со гориво или се случил струен удар?

860

Несреќа се случила вечерва во населбата Илинден во Скопје. Малолетно девојче загина во пожар на цистерна полна со гориво која била стационирана на Железничката станица во Илинден.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи (МВР), малолетни лица наводно запалиле цистерна кај железничката станица. Децата, рекле дека на цистерната има малолетно женско лице кое починало.






Случајот го пријавил С.К. кај кого дома биле малолетните лица.

„Двете малолетни деца се кај него дома и по обавениот разговор со децата посочено е дека на цистерната најверојатно има малолетно женско лице и тоа е починато. На лице место се упатени полициски службеници за расчистување на случајот. Oва е првична информација спoред тоа како е пријавено. Повеќе детали ќе имаме подоцна“, соопшти МВР.

Потврда пристигна од Центарот за управување со кризи (ЦУК) од каде што велат дека девојчето загинало врз вагон полн со нафтен дериват, а кој бил стациониран на железничката станица во населбата Илинден.

Сепак, оттаму велат дека најверојатно причината за смртта е струен удар од електричните жици над вагонот.

„Регионалниот ЦУК Скопје, известува дека во 21.05 часот од страна на дежурниот во Македонски железници добил телефонски повик и пријава дека на железничка станица Илинден има пожар на една цистерна и за тоа биле информирани и БППЗ на Град Скопје. Од страна на РЦУК Скопје била контактирана БППЗ од кои беше потврден настанот и дека две нивни екипи се на терен. За истиот настан беа информирани и дежурните во Полициските станици Автокоманда и Петровец, од каде што беше потврден настанот. Од страна на Секторот за операции и координација на ЦУК беа известени дежурните оперативни центри на МВР и Дирекцијата за заштиа и спасување (ДЗС). По интервенцијата на БППЗ на Град Скопје пожарот е изгаснат и како последица на пожарот има починато едно лице. На местото на настанот се присутни претставници на Итна медицинска помош, Полицијата и Јавното обвинителство кои постапувале согласно нивните процедури. Инаку, според информации од граѓани, кои биле во близина на настанот, починатото лице било горе на вагонот и се запалило од силен струен удар, од електричните жици над вагоните, но се чека официјална потврда на тие информации“, соопшти ЦУК.

Во медиумите најпрво се појави информација дека пожарот избувнал во складиште на „Макпетрол“, но од компанијата велат дека таа информација не е точна.

„Во складиштето на ‘Макпетрол’ нема пожар, ниту експлозија, како што вечерва известија дел од медиумите. Инцидентот за којшто медиумите објавија информации се случил во близина, односно на железничката станица Илинден, но на никаков начин не е поврзан со складиштето на Макпетрол“, информираше компанијата

Поврзани содржини