Дерковски: Левица имаше приговори за избирачко место 0, Алијанса 61 приговор за исто починато лице

1,845

Немаше воопшто докази за приговорите и во тоа беше проблемот, вели претседателот на ДИК Оливер Дерковски во гостување на Топ Тема образложувајќи го одбивањето на сите приговори за изборите.

– Веројатно подносителите си имаат свои причини зошто ги поднеле на тој начин, меѓутоа да поднесете приговор во кој ќе напишете три реченици во кој ќе објасните некоја ситуација за повреда на избирачко право или повреда на постапка за сумирање и утврдување на резултати, а без притоа да приложите било каков доказ, записник од избирачкото место во кој што се гледа дека е ставена забелешка од некој од присутните на гласачкото место, од подносителот а да очекувате дека некој ќе ви прифати приговор, тоа нема да се случи – вели Дерковски.






ДИК отфрли 1.478 приговори од Левица бидејќи не беа потпишани. Дерковски тврди дека не е битен печатот туку потребен е само потпис за да се идентификува подносителот и од тие причини како неуредни согласно Изборниот законик беа отфрлени тие приговори.

– Сите останати 504 или 505 беа со ист текст и реченици кои што беа копирани во сите приговори. Дури во нив имаше 20-тина каде што пишуваше „приговор за избирачко место 0“. Сега како очекувате ДИК да разгледува таков тип на приговори – вели Дерковски.

Во приговорите на Алијанса/ Алтернатива во 61 од нив стои истото име на починат и истиот текст во образложението, вели Дерковски кој оценува дека тоа е несериозно однесување на политичка партија.

– Политичките партии треба сериозно да си ја сфатат работата или во иднина малку повеќе внимание да посветат на оваа постапка за да не им се случуваат вакви работи – вели претседателот на ДИК.

Тој вели дека на минатите претседателски избори имале целосни приговори со приложени засписници и доказен материјал по кои ДИК постапил и отварал гласачки кутии за да ги преброи гласовите во нив, но на овие избори немало ниту еден таков приговор.

Поврзани содржини