ДЕПОНИЈАТА ДРИСЛА Е ВО ИСКЛУЧИТЕЛНО ЛОША СОСТОЈБА Ѓорѓиевски е убеден дека многу подобро ќе почнеме да се справуваме со отпадот
Ѓорѓиевски вети дека силно ќе се залага депонијата да се трансформира по примерот на другите современи европски, регионални центри за обработка и третман на отпад.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски е убеден дека Скопје и останатите општини во соработка со Владата ќе почнат да се справуваат со отпадот на многу подобар и поцелисходен начин.
– Скопската депонија „Дрисла“ е во исклучително лоша состојба и силно ќе се залагаме таа да се трансформира по примерот на другите современи европски, регионални центри за обработка и третман на отпад. Максимално треба да се заложиме за селектирање на отпадот и за негово поефикасно искористување како суровина. Затоа се надевам дека искуствата кои ќе бидат тука презентирани од искусни експерти во оваа област, кои се дојдени од Австрија, значително ќе ни помогне на мене и моите колеги, да размислуваме во таа насока и да се обидеме добар дел од тие искуства да ги пренесеме и кај нас – рече Ѓорѓиевски на конференцијата посветена на креирањето на зелени работни места во Македонија организирана од австрискиот амбасадор во Македонија Мартин Памер.
Тој го истакна значењето на неколкуте невладини организации кои работат во оваа насока, на селектирање на отпад и негово собирање, како и третман.
Како пример го истакна поставувањето на специјални контејнери за одделно собирање на стаклен отпад, пластика хартија и слично.
– Интересно е искуството за поставување машини за рециклирање на пластични шишиња во основните училишта, но и можноста за плаќање паркинг со собирање шишиња, како и примерот во Кисела Вода за поставување канти за селектирање отпад во самите влезови на објектите за колективно домување – додаде Ѓорѓиевски.