ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКИ КОРЕОГРАФИ Премиерни изведби на „Мокументари“ и „Ехо на баронот“

Младите кореографи Адријана Данчевска и Дејан Битровски ќе се претстават со „Мокументари“ и „Ехо на баронот“ на Малата сцена во Националната опера и балет.

23

Вечерва ќе започнат „Денови на македонски короеграфи“ со две премиери на Скопје танцовиот театар. Настанот е во организација на Националната опера и балет – Мала сцена, со поддршка на Министерството за култура и туризам.

– За Скопје танцовиот театар, кореографите Адријана Данчевска и Дејан Битровски, со новите продукции, кои се поддржани од Министерството за култура и туризам, оваа соработка е исклучително значајна и чест ни е да настапиме на отворањето на оваа манифестација. Голема благодарност до генералниот директор на НОБ, Оливер Арсовски, уметничкито раководител на Балетот Марија Кичевска, а посебно до менаџерот Кире Павлов за поканата и одличната соработка која деновиве ја остваруваме. Сметам дека ова е еден голем исчекор во обединувањето на домашната танцова сцена и платформа за понатамошен развој – вели Рисима Рисимкин, уметнички директор на Скопје танцовиот театар.






Публиката ќе може да ја проследи премиерата „Мокументари“, на кореографката Адријана Данчевска, за која музиката е на Александар Гроздановски, сценографијата на Ивана Мојсовска, а настапуваат Дејан Битровски и Адријана Данчевска.

„Mockumentary“ е танцова претстава која ja истражува политичката сцена и улогата на изведувачот во таа приказна. Од позиција на тело, во оваа динамична и често контрадикторна стварност – самоопределување. Саркастичен и манипулативен пристап создава конфликт. Танцот станува метафора на нестабилност и постојана промена, додека хуморот ги открива апсурдните аспекти на моќта.

По паузата, ќе се изведе „Ехо на баронот“, на кореографот Дејан Битровски, за која музиката е на HERZEL, сценографијата на Матеа Мијановиќ, а настапуваат Анастасија Данчевска, Стефани Шаршмит и Нина Петрушевска.

„I’m back! I got lips again and I’m gonna use them, baby!“, вели во најавата за претставата, кореографот Битровски.

Ова е танцова претстава што ја истражува психолошката манипулација во современото општество преку темите на синдромот Минхаузен и неговата модерна манифестација. Изведбата прикажува како луѓето се принудени да создадат искривени верзии од себе под влијание на социјалните медиуми, дезинформациите и општествените очекувања. Користејќи танц, музика и визуелни елементи, претставата ја нагласува борбата за зачувување на автентичниот идентитет во нашата ера.

Скопје танцовиот театар е единствената современа танцова компанија кај нас, која во континуитет работи од 2011 година, а чија работа е во организација на Интерарт културниот центар. Компанијата има продуцирано над 70 претстави во четиринаесетте години на своето постоење. Во 2022 година оствари историско гостување на сцената на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција, а гостувањето на претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисимкин, париската критиката го оцени како „брилијантна претстава на авангарден кореограф“.

Скопје танцовиот театра гостувал и на престижни сцени ширум светот: на „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД, „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија, „Meet in Beijing“ во Пекинг, Кина, Верона Шекспир Фринге Фестивал, Верона, Италија, како и во многу други градови низ Европа и Азија. Работата на Скопје танцов театар е поддржана од Министерството за култура.

Поврзани содржини