ДЕНОТ НА АРМ ВО ЗНАКОТ НА АВГАНИСТАН Македонија одлучи да не молчи пред бегалците
Македонската армија останува активна во Либан и во Централноафриканската република, а се планира поголем ангажман во БиХ, како и учество во НАТО мисиите во Балтичкиот регион.
Претседателот Стево Пендаровски со Орден за воени заслуги ja одликуваше Армијата за професионалноста и за посветеноста на нејзините припадници, учесници во Меѓународните безбедносни сили за помош (ИСАФ) и во мисијата „Решителна поддршка“ во Авганистан, денеска на Денот на Армијата – 18 Август.
– Безмалку 20 години, македонските мировници му помагаа на народот на Авганистан да живее во постабилно опкружување и сето тоа без ниту една жртва од нашите мировници! Ужасните слики кои доаѓаат од таа земја последниве денови не беа можни додека нашите војници заедно со 130.000 мировници од 50 држави од светот беа таму – рече Пендаровски.
Во текот на овие 19 години, над 3.300 припадници на Армијата учествуваа во оваа исклучително сложена меѓународна мисија. Првата ротација ја започнавме како кандидат, а последната ја завршивме како членка на НАТО, нагласи Пендаровски.
Тој додели Повелба на Република Северна Македонија и на Артилерискиот баталјон и на Центарот за странски јазици, како и на одбранбеното аташе на Кралството Норвешка, потполковник Егил Далтвејт.
– Во изминативе три години, благодарение на неговиот професионален и личен ангажман, обезбедени се значителни донации за справување со пандемијата на КОВИД-19, но и за јакнење на капацитетите на Министерството за одбрана, на Воената Академија и воопшто, на борбената готовност на Армијата. Ние знаеме да ги препознаваме, почитуваме и вреднуваме своите пријатели, меѓу кои секако спаѓа и потполковник Далтвејт – рече Пендаровски.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска направи ретроспектива на постигнатото и им оддаде почит на сите војници, подофицери и офицери кои повторно, како што рече, станаа наши јунаци кога се соочивме со огнените стихии низ целата земја.
Според неа, двата конкурса во последниве два месеца покажале колку пораснал интересот на младите луѓе да работат во Армијата. На првиот конкурс за 200 работни места имало над 1.800 млади кандидати, а на следниот за 100 работни места имало повеќе од 900 кандидати.
Министерката рече дека остануваме активни во Либан и во Централноафриканската република, а дека се планира поголем ангажман во БиХ, како и учество во НАТО мисиите во Балтичкиот регион.
– Со загриженост ја следиме ескалацијата на ситуацијата во Авганистан и неуспехот на авганистанските институции да гарантираат стабилност на своите граѓани. Тој неуспех и драматичните слики од Кабул никого не смеат да го остават рамнодушен и затоа одлучивме да не молчиме. Како држава којашто искористила туѓа помош во минатото, понудивме поддршка и прифаќање на авганистански граѓани, заедно со своите семејства во хуманитарните и миротворните мисии, активисти за човекови права, новинари, преведувачи, стипендисти, како и дел од оние граѓани кошто во изминативе години беа поддршка на НАТО сојузниците, па и поддршка на македонската армија – рече Шекеринска.
Командантот на Националната гарда на Вермонт генерал-мајор Грегори Најт ѝ додели медал на Шекеринска за извонредни постигнувања во изминатиот период, а медал за заслуги доби генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Признанија од началникот на ГШ на Армијата им беа врачени на министерот за здравство Венко Филипче, директорката на Инфективната клиника во Скопје Милена Стевановиќ, директорот на ГОБ „8 Септември“ Христијан Костов, директорот на Клиничката болница во Тетово Флорин Бесими, командантот на баталјонот за воено-медицинска поддршка потполковник Елизабета Наумовска Петрески. Беше доделена Златна значка на Армијата за партнерство, координација и соработка на персоналот од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби од Скопје д-р Илир Демири, д-р Крсто Гроздановски, д-р Билјана Петреска, медицинската сестра Мамудије Ибраими и новинарот од МТВ Милчо Велевски.