Денот кога одговорноста и доблеста го победија злото

Браво за д-р Реџеп Мемеди и за сите што придонесоа една злобна медиумска фабрикација да не прерасне во меѓуетнички инцидент!

6,885

Едно големо, ама навистина големо и громогласно браво за директорот на Клиниката за детски болести, д-р Реџеп Мемеди!

Непријатното недоразбирање меѓу родителите на едно тримесечно бебе и една медицинска сестра од Клиниката – кое некои неодговорни поединци сакаа да го прикажат како сериозен меѓуетнички инцидент – директорот Мемеди го реши на најдобриот можен начин. Со дијалог, со утврдување на фактите и на крајот со подадена рака на помирување меѓу засегнатите страни.






Едно големо браво и за родителите на бебето, кои покажале доблест кога било најпотребно. Не е лесно да се совладаат емоциите кога е дете во прашање.

Браво и за медицинската сестра, која неколку дена беше изложена на столбот на срамот и под закана од дисциплинска одговорност и кривичен прогон. Нападната без можност да се брани, осомничена за една измислена монструозна постапка.

Да се потсетиме на тоа дека медиумската приказна за овој случај тргна со неверојатно тврдење дека медицинската сестра од Детската клиника во Скопје намерно го повредила тримесечното бебе, како одмазда поради тоа што неговите родители Албанци не го знаеле македонскиот јазик.

И додека да се утврди вистината, или, како што ќе рече во една прилика Марк Твен, додека вистината да ги облече чевлите, лагата веќе прошета половина свет…

Во случајов, беше фабрикувана сочна медиумска приказна. Опасна и злобна манипулација.

Приказна објавена без да се слушнат двете страни, што е основното новинарско правило.

Втората страна – медицинската сестра во улогата на “монструм” – беше однесена на стрелиште. Без прашање. Да биде мета на која ќе вежбаат сите што пукаат за да го кутнат меѓуетничкото спокојство во Македонија.

Приказната беше раширена на социјалните мрежи без никакво фактчекирање. Изгледа дека фактчекерите си имаат своја политичка агенда. Па ваквите лаги ги преспиваат.

Немаше ни реакција од новинарските здруженија, кои земаат огромни пари од разни проекти, за да бдеат над професионализмот и над етичките стандарди во оваа чувствителна професија. И на нив изгледа им е нешто „незгодно” да се разбудат од летаргијата.

За среќа, неколку луѓе се издигнаа над тој здружен неморал и ги совладаа своите емоции, не дозволувајќи сепак да се произведе меѓуетнички инцидент.

Откако се чинеше дека со својата посета на засегнатото семејство и со најавата на дисциплински постапки, министерот за здравство веќе влегол во „улогата“ што му е доделена во тој лош „филм“, кај Арбен Таравари во последен момент како да проработи оној толку важниот „рефлекс“ на медицински работник, кој знае дека е речиси незамисливо лекар или медицинска сестра намерно да повредат пациент, па згора и како одмазда за еден банален претходен инцидент, та и врз едно тримесечно бебе.

Кај директорот д-р Реџеп Мемеди очигледно преработило чувството дека вистински менаџер и раководител на еден тим може да ја стекне довербата од луѓето со кои раководи само ако и тој им поклони верба. Не на слепо, се разбира, само со утврдување на ноторните факти, но без подлегнување на безразложните обвинувања со кои се фрла сенка врз стручноста и врз кредибилитетот на целиот медицински персонал.

Да, при земање крв на бебето му биле нанесени повреди и биле предизвикани хематоми, но не поради “етничка нетрпеливост”, како што некој сакаше да ја излаже јавноста, туку поради фактот дека бебето имало наод за тромбоцитопенија, медицинска состојба од која се јавуваат модрици на кожата и склоност кон крвавење. Дали можело двете сестри што му зеле крв не бебето од раката да бидат повнимателни? Тешко е да се каже тоа, поважно е да се утврди дали при интервенцијата постапиле според протоколите и дали дале сè од себе.

Директорот Мемеди е категоричен: „Вакви случаи имало и порано, сега се направи малку повеќе врева, ама секако дека продолжуваме да бидеме на ниво на задачата“.

Важно беше ова да се каже и да се слушне, бидејќи овде станува збор за водечката педијатриска установа во јавното здравство, едно од местата каде што бараме стручна медицинска помош и грижа кога таа им е потребна на нашите најмили, на децата. Без разлика дали сме Македонци, Албанци или други, без разлика дали го знаеме овој или оној јазик, без разлика што некогаш среќата е, а некогаш баш и не е наш сојузник.

И пак морам да прашам јавно: како воопшто било можно некој да измисли приказна дека во таа врвна установа една “лоша медицинска сестра” – како сестра Рачед, на пример, од “Летот над кукавичкото гнездо” – смислено повредила тримесечно бебе, за да им се одмазди на неговите родители, веројатно надевајќи се дека тоа ќе наиде на одобрување од другите сестри и од целиот медицински персонал?!

Како воопшто може да се продаваат вакви „филмчиња“?

Сепак, да се фокусираме овој пат на позитивниот исход на оваа драмолетка и на најважната поука што треба да ја извлечеме сите.

Очигледно, доаѓа време кога некои неодговорни и злобни поединци ќе се обидуваат да ги злоупотребат сите човечки драми и трагедии, во кои актери се луѓе од различни етнички групи, за да предизвикаат меѓуетничка нетрпеливост и инциденти. Таквите поединци пласираа безочни лаги и пред изборите, а не забораваме дека ни “ветија” и меѓуетнички тензии во случај да дојде до промена на власта. Тие луѓе нема лесно да се помират со тоа што се случи и опасно ќе го предизвикуваат меѓуетничкиот мир во земјата.

Со тоа да сме на чисто.

Во случајов, драмата имаше среќен крај меѓу другото и затоа што последиците не беа трагични – бебето ќе закрепне, родителите ќе се смират и ќе ја повратат довербата во Детската клиника, медицинската сестра и целиот персонал во оваа установа ќе заборават на оваа непријатност. Сè е добро кога добро ќе се заврши.

Но, да бидеме спремни на тоа што го носи животот. Не завршува добро секогаш сè. Некои животни драми завршуваат трагично. Некогаш и луѓето не се на висината на задачата. Некогаш ќе бидеме и сведоци на вистински меѓуетнички инциденти, а не на фабрикувани, како овој.

Сето тоа општеството ќе мора да го совлада и да го преживее, за да ги сочува спокојството и мирот во земјата. А тоа нема да биде лесно. Никогаш не било.

Ете затоа е важно неодговорноста и авантуризмот на некои поединци јавно да се осудат токму при ваквите случаи, кога исходите се поволни и кога учењето на сопствените грешки сè уште е евтино.

А уште поважно е доблесните и храбри постапки на одговорните поединци јавно да се истакнат и да се поддржат.

Затоа, од мене уште еднаш браво за сите што придонесоа една злобна медиумска фабрикација да не прерасне во меѓуетнички инцидент!

 

Поврзани содржини