Денеска главите доле, синоќа се посрамотивме!
Удривме ли по вистинските виновници за сите наши патила? Станавме ли достојни Македонци извикувајќи „Татари, Тарари“? Ја спасивме ли нашата химна исвиркувајќи ја бугарската? Што друго покажуваат оние плакати „две червени“, освен колку ниско може да падне човек кога сака некого да повреди?
Омраза секогаш е плод на најниски страсти. Луѓето ги мразат оние коишто кај нив го побудуваат чувството на помала вредност. Затоа говорот на омраза, всушност, е многу повеќе проблем на тој што мрази одошто на тој што го мразат.
Ме разочара недоличното поведение на навивачите на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Бугарија. Да се случеше тоа во Софија, ќе одмолчев. Но тука, во Скопје, каде што традиционално сме добри домаќини за сите добронамерници, посакувував публиката да демонстрира спортски дух, а победникот да го испрати со аплауз од трибините.
Но ете, ме погоди соочувањето со грдата реалност.
‘Ртат никулците на омразата што ги посеаја неодговорните политичари. И тие во Софија, но и тие во Скопје. И тие што лекомислено ставија потпис на Договорот за добрососедство, оставајќи ги главните прашања отворени, но и тие што оспорувањето на македонскиот идентитет го воздигнаа на ниво на приоритет на една агресивна недобрососедска политика. И тие во Брисел што ги охрабрија Скопје и Софија да преговараат, а потоа кукавички застанаа на страната на посилниот и дозволија уцените да станат составен дел од рамката за преговорите за членство на Македонија во Европската унија.
Внимавајте, најмалку што сакам е да ги релативизирам грдите настани, како оној синоќа во Скопје. Но, за да се совлада, говорот на омраза мора да се разбере. Зашто, омразата е страв. И за тоа треба да се говори отворено. За тоа, дека луѓето во Македонија се исплашени и повредени.
Од лажните ветувања.
Од ветото и од уцените, од негирањето на македонштината.
Од снисходливоста на политичарите во Скопје и од нивната спремност за непринципиелни компромиси, по секоја цена.
Од пропагандата којашто патриотските чувства на Македонците ги осудува како шовинизам и од обвинувата за ширење хистерија.
А сепак, наспроти сѐ, очекувам токму луѓето во Македонија да разберат дека стравот, гневот и омразата се лоши сојузници во битките. И дека вистинските сојузници се достоинството, самодовербата и благоста.
Па ве молам, што нам ни значат извиците „Татари, Татари“? Ако со тие зборови ги навредиме Бугарите, прави ли тоа од нас достојни Македонци?
И што ни значи исвиркувањето на бугарската химна? Ни помата ли тоа повеќе да ја почитуваме сопствената, македонската?
Што друго покажуваат оние плакати „две червени“, освен колку ниско може да падне човек кога сака некого да повреди?
Се чувствуваме ли денес подобро?
Појуначки?
Ни порасна ли самодовербата?
Удривме ли синоќа по вистинските виновници за сите наши патила?
Сме имале ние многу навивачки инциденти, недолични поведенија и хулигански испади на спортски натпревари. Ниту ни е прв пат, ниту ќе биде последен. Ниту сме единствени и ексклузивни во светот по овој грд „спорт“. Нека биде, сепак, ова една од ретките прилики кога ден потоа, опаметени од утрото и од неколкучасовната дистанца од инцидентите, ќе се чувствуваме поразени. Самоповредени. И веројатно уште повеќе исплашени, длабоко во себе свесни дека омразата сепак не носи ништо добро, дека таа раѓа само нова омраза.
Нека биде денеска денот кога макар за миг ќе нѐ проголта сопствениот, а богами и туѓиот срам.
Кога тоа би имало некакво посебно значење – а веројатно нема, за жал – би сакал еве и моето лично извинување до гостите од Софија и до сите мои пријатели и познаници во Бугарија некому да пружи сатисфакција.