Денес, пред 27 години, станавме членка на Обединетите нации 

Ова е тенката црвена линија која што ќе се памети во историјата на државата и на нејзините народи и кога сите тривијалности ќе паднат во заборав.

1,033

Мојот прв соработник од тие времиња, амбасадорот Сашо Тавчиовски ме потсетува на вибер, на нешто што јас сум го заборавил, но државата не би смеела –  дека на денешен ден пред 27 години станавме членка на Обединетите нации. За претседателот Киро Глигоров, претставник на генерацијата македонски партизани кои ја создадоа федерална Македонија, немаше поважна задача од брзо зачленување во светската организација со што, велеше, престануваме да сме недефинирана територија и стануваме суверена држава. Но, работите не одеа лесно. Независно од правното мислење на комисијата на Бадинтер дека само Македонија и Словенија ги исполнуваат сите услови веднаш да бидат признаени од земјите членки на ЕЗ, блокадата на Грција беше толку силна што европските лидери беа немоќни. Сепак, пред да почнеме да го величаме правото и сета вина да ја префрламе врз политиката морам да ве соочам со парадоксот дека, во еден свет каков што е а не каков што сакаме да биде,  токму политиката ни помогна да ја оствариме независноста. Имени, конструктивното поведение на Македонија беше наградено од политичарите на САД и на Европа кои беа критички настроени кон деструктивното поведение на нивниот сојузник Грција. Се разбира, не можеа да го разурнат сојузот ниту да ги занемарат интересите на своите држави визави нивниот партнер, меѓутоа пронајдоа начини да ни помогнат зад завесата на меѓународната политика. Тие, имено, беа свесни дека сме во право кога бараме да бидеме господари на својата судбина и застанаа зад нас. Со сите опструкции кои соседот ни ги ставаше на патот, станавме членки на ОН нецели дванаесет месеци после Словенија и Хрватска. Првата мисија на превентивна дипломатија УНПРЕДЕП со која се распоредија војници на земјите членки на ОН на нашите граници ни даде време да ја создадеме својата армија. Со легитимацијата на земја членка на светската организација ни се отворија вратите на практично сите меѓународни организации и банки. Република Македонија, примена во ОН под привремената референца Поранешна југословенска република Македонија доби шанса да покаже дали е животоспособна. И покажа, со сите маани и недоследности, наши и на другите членки на меѓународното општество на држави. Државата создадена во времето на Втората светска војна како дел од југословенската федерација, како никогаш порано во историјата, на почетокот од деведесеттите прозборе со еден глас на светската сцена и на деншен ден во 1993 година стана 183 држава членка на светската организација на суверени држави. Ова е тенката црвена линија која што ќе се памети во историјата на државата и на нејзините народи и кога сите тривијалности ќе паднат во заборав.

Поврзани содржини