Демократски сојуз: Идеите за прекројување на границите на Балканот се опасна игра
Македонија мора да биде крајно внимателна и активна во одбраната на мирот и евроатлантските перспективи на Балканските држави, соопшти партијата на Павле Трајанов.
Во контекст на нон-пејперот на словенечкиот премиер, сметаме дека идеите за прекројување на границите на Балканот се опасна игра со потенцијал да предизвика силни реакции, тектонски пореметувања и дестабилизација на целиот регион, соопшти Демократски сојуз (ДС).
„На сите им е јасно дека ревидирање на меѓудржавните граници на мирен начин е невозможна мисија и наместо балканските држави да се поддржат кон европскиот пат, во суштина се заговара ‘топовска завршница‘ во замислената балканска партија шах. Македонија мора да биде крајно внимателна и активна во одбраната на мирот и евроатлантските перспективи на Балканските држави. Концептите за некаков конечен распад на Југославија претставуваат промоција на нови поделби на Западен Балкан и вовед во создавањето големи држави, кои во минатото беа платени со стотици илјади човечки животи, огромни разорувања и економски колапс. Балканските држави имаат историска шанса да бидат дел од големото семејство на европските народи и од нив зависи дали таквата можност ќе ја искористат или ќе ги прифатат налудничавите големодржавни идеи кои значат меѓусебно истребување“, се вели во соопштението на Демократски сојуз.