ДЕМАНТ НА КОМПАНИЈАТА „ИНТРАКАТ“ Исплатите од Министерството за здравство беa законски, а не „набрзина“
Компанијата „Интракат“ упати демант до Плусинфо во врска со серијалот „Последниот скандал на Филипче“. Демантот го објавуваме во целост, заедно со одговор од авторот на серијалот.
Најостро ги демантираме и ги отфрламе како дезинформации изнесените тези, лични и неосновани констатации и невистини објавени на порталот Плусинфо, од новинарот Бранко Героски, серијал во три дела насловен како „Последниот скандал на Филипче“. Новинарот, од за него познати причини, не видел потреба кога го пишувал серијалот да се обрати до нашата компанија, што е основно новинарско правило. Во име на вистината и точното информирање на јавноста, должност ни е да појасниме неколку работи.
1. Сите исплати кон нашата компанија, кои беа извршени на крајот од годината, се законски со соодветни документи и уверенија за плаќање за извршени работи, одобрени од надзорниот инженер. Исто така, исплатите не се вршеа „набрзина“ пред истекот на мандатот на тогашниот министер за здравство. Апсолутно немаше брзање, туку трансакцијата мораше да се направи законски од буџетот за 2021 година, а тоа никако не е поврзано со смената на министерот за здравство.
2. Сите средства кои беа исплатени се за работи кои се завршија многу подоцна откако „Бетон Штип“ се откажа од проектот за изградба на Клинички центар Штип. Овие пари дефинитивно не беа наменети за „Бетон Штип“, како што сака во текстовите да прикаже новинарот Героски, ширејќи намерно невистини, очигледно за да ги заштити интересите на „Бетон Штип“.
3. Ниту една друга македонска компанија освен „Бетон Штип“ нема никакво побарување од „Интракат“. Напротив, имаат огромни побарувања од „Бетон Штип“. Сите други наводи на новинарот се погрешни.
4. Појаснуваме, проектот Клинички центар Штип беше одложен главно поради „Бетон Штип“ која прво се откажа од проектот и се обидува на сите начини да ја запре изградбата на болницата со барање измислени суми кои не ѝ следуваат.
5. И покрај сите напори на „Бетон Штип“ да ја опструира градбата, „Интракат“ продолжува непречено да го гради проектот со сопствен персонал и многу нови македонски и меѓународни подизведувачи кои добија исплати од сумата исплатена на „Интракат“ до крајот на годината.
Овој серијал на Плусинфо се коси со сите правила и новинарски начела за објективно информирање на јавноста. „Интракат“ бара Плусинфо да се извини за изнесените лаги и невистини, како и да го објави овој демант во целост на исто место и со исто времетраење, како и серијалот во три продолженија. Во спротивно, ќе преземеме правни дејства за пристрасното, невистинито информирање на јавноста, сѐ со цел да се наштети на имиџот на нашата компанија.
„Интракат“
Одговор од авторот:
Серијалот „Последниот скандал на Филипче“ се однесува на поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кој непосредно пред истекот на својот мандат извршил три уплати на сметката на „Интракат“ во вредност од околу 2,5 милиони евра, од кои последната уплата е ден по изборот на новата влада и два дена пред формалното примопредавање на функцијата меѓу стариот и новиот министер.
Како автор на текстот, го поставив прашањето дали исплатата е легална и дали е целисходна. Такво прашање писмено поставив до втората страна, како што налага новинарското правило. Втората страна во случајов е д-р Венко Филипче. Нему му го поставив прашањето и од него добив одговор, кој во серијалот е објавен, при што изворот е лоциран како владин (д-р Филипче ми го објасни владиното гледиште, но не сакаше да даде официјална изјава, со објаснение дека веќе не е министер, што го прифатив).
„Интракат“ не е втора страна во случајот. Таа е страна во судски спор со „Бетон Штип“, за што има пресуди (одлуки), на кои се повикувам во текстот (не многу детално). Во серијалот јасно пишува дека македонските фирми подизведувачи во проектот „Клиничка болница Штип“ се засегнати како партнери на „Бетон Штип“, а проблемите на „Бетон Штип“ се произлезени од релациите со инвеститорот. Инвеститор не е „Интракат“, туку државата.
За односите на „Интракат“ со новите подизведувачи не коментирам. За доцнењето на проектот „Клинички центар Штип“ нема што да се дребатира, тоа е видливо на теренот, а пробивањето на сите досегашни обзнанети рокови е ноторен факт. Тоа што „Интракат“ за ова доцнење го обвинува „Бетон Штип“, поради наводни нереални побарувања, е оценка на таа компанија. За тоа прашање се водел судски спор и судот пресудил во полза на „Бетон Штип“.
Од сите овие причини, не гледам нужда да ѝ се извинувам на компанијата „Интракат“.
Како втора, засегната страна со овие написи, со барање за извинување би можел да се јави евентуално д-р Венко Филипче. Во таков случај, би дебатирале за легалноста и за целисходноста на исплатата. Но, јас во текстот повикав дека за тоа прашање да одлучат институциите.
Демантот на „Интракат“ Плусинфо го објавува на истото место како и серијалот. Што се однесува до барањето демантот да биде објавен „со исто времетраење“, напоменувам дека како и сите други текстови, демантот нема да биде избришан, што ќе рече дека демантот ќе има неограничен рок на времетраење.
Бранко Героски