Делчевец се вратил од Швајцарија и отворил фарма за магариња: Магарешкото млеко е лек за сите болести
Идејата за отворање сопствен бизнис по враќање од странство станува сè почеста практика за иселениците од Пијанечко.
Еден од последните примери за тоа е Киро Гоцевски од делчевското село Нов Истевник. По 20 години работа во Швајцарија, тој решил да се врати во родниот крај и да ја реализира својата идеја што ја имал повеќе од 15 години.
Отворил фарма за магариња, идеја што на прв поглед можеби за многумина звучи чудно, но само за оние што не ја знаат вредноста на магарешкото млеко, кое поради неговите лековити својства е меѓу најбараните и најскапи производи во западните земји. Разговорот со Гоцевски го започнавме токму за неговата идеја за основање на неговата фарма во Нов Истевник.

Моментално тој одгледува 43 магариња, од кои 41 женско и две машки. За нив се грижи лице од селото кое го вработил и негова обврска е одгледувањето, вклучително и молзењето, додека Киро е задолжен за набавката на храна за магарињата.
Продажбата на млеко во време на корона засега му оди тешко. Засега има три молзници, а според очекувањата, следната година нивниот број би се зголемил.
– Сега со коронавирусот сме на нула, продажбата е ослабната, според мое мислење најмногу поради коронавирусот. Пред појавата на корона имавме поголема побарувачка. Еве, денес имав едни луѓе од Велес, зедоа еден литар, исто така едни луѓе од Бигла рекоа ќе купат половина литар, наменето за луѓе во Облешево, но сепак тоа е далеку од очекувањата. Моментално имам три молзници, ама в година во ова време очекувам 15 литри млеко на ден. Од тие што ги имаме три молзници до јули чекаме да ни се опулат (младо од магаре се вика пуле), уште 4-5 магарици, што значи дека со сегашниве три ќе имам вкупно седум молзни магарици до крајот на јули, а тоа е негде три литри млеко на ден – додава делчевскиот иселеник од Нов Истевник.
– Цената на магарешкото млеко во странство е 50 евра замрзнато, додека свежо млеко достигнува до 80 евра. Ова е цена во Хрватска, мој колега кој требаше во март да биде мој гостин по споменатата цена го продава млекото. Со него требаше да се сретнеме во март годинава, но поради коронавирусот таа средба се одложи – додава Гоцевски.
– Магарешкото млеко е антибиотик и е лек за сите болести. Неговата лековистост е потврдена особено за астма, бронхитис и голем број други болести. Имаме продавано млеко на лице кое било оперирано од канцер и по консумирањето неговиот лекар се изненадил од особено добрите резултати. Значи, ако малку пребарате по интернет, ќе видите дека млекото е лек за секакви болести — појаснува Гоцевски.
– Магарињата ми се регистрирани кај ветеринар, сега правам пасоши за магрињата, но поради короната малку е во застој работата. Идејата е од 40 магариња да ги направам 140 и да развијам поширок бизнис. Покрај продажба на млеко, планот е да почнам со производство на магарешко сирење, сапуни, кремови… со еден збор бизнисот да се прошири на едно повисоко ниво – дециден е Гоцевски.
– За да дадам апел до сите што сакаат да работат повторно ќе се навратам на работата во Швајцарија. Таму бев околу 20 години и почнав да чувствувам дека не можам да ги работам тие тешки работи и си размислив, реков со тие некои пари што ги имам запечалено ќе си отворам сопствен бизнис, ако може да успее, добро. Таму бев во близина на Лозана во францускиот дел, почнав со лозарство, па работев печатница, па потоа во фабрика за делови во медицината, за на крај да местам врати и прозорци. Мислам дека во Македонија може да се заработат пари, но со правилно насочување на бизнисот и со работа, оти без работа нема пари – додава делчевскиот фармер.