ДЕЛ ВОЗЕЛЕ БЕЗ ДОЗВОЛА, ДЕЛ БИЛЕ ПИЈАНИ ЗАД ВОЛАН Полицијата приведен 9 возачи во едно деноноќие
Полицијата лиши од слобода девет возачи низ државата за возење без дозвола и под дејство на алкохол. Највисоко измерени 2,20 промили во Скопје.
Во текот на изминатото деноноќие полицијата лишила од слобода девет возачи низ државата поради сериозни прекршувања на сообраќајните правила, меѓу кои управување без возачка дозвола, без положен испит и возење под дејство на алкохол.
Во Скопје биле приведени четири лица кои управувале возила без возачка дозвола, додека две лица од Кавадарци биле затекнати како возат мотоцикли без положен возачки испит. Дополнително, уште еден скопјанец управувал мотоцикл без дозвола, а возилото немало ниту важечка регистрација.
Полицијата интервенирала и во два случаи на возење под дејство на алкохол. Во Македонска Каменица, возач на мопед бил затекнат со 1,52 промили алкохол во крвта, додека во Скопје возач на товарно моторно возило управувал со дури 2,20 промили алкохол.
Сите возачи биле лишени од слобода на местото на контролите, а по целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила, да не седнуваат зад волан без дозвола или под дејство на алкохол, нагласувајќи дека само одговорно однесување може да придонесе за поголема безбедност на патиштата.