23-ГОДИШНИК ОД САРАЌИНО СЕ УДАВИЛ ВО АВСТРИЈА Телото на момчето е пронајдено во езерото Факер

23-годишно момче од Сараќино е пронајдено мртво во езерото Факер во Австрија по неколкудневна потрага. Австриските власти ја истражуваат причината за смртта.

53

23-годишно момче од тетовското село Сараќино го загуби животот во Австрија, откако неговото тело беше пронајдено во езерото Факер, по неколкудневна потрага која ја воделе повеќе служби за итни интервенции, пренесоа австриските медиуми.

Станува збор за младиот сопственик на кафе-бар, со албанска националност, кој според информациите исчезнал уште во понеделник, по што семејството пријавило негово исчезнување во надлежните служби.






Телото било пронајдено синоќа во езерото, а австриските власти засега не ја соопштуваат причината за смртта. Поради тоа, наредена е обдукција која треба да ги утврди околностите под кои настанала трагедијата.

Според австриските медиуми, во четврток вечерта била покрената голема акција за пребарување откако на брегот на езерото биле пронајдени лични предмети за кои се претпоставувало дека припаѓаат на исчезнатото лице.

Во операцијата биле вклучени полиција, пожарникари и служби за спасување на вода, како и полициски хеликоптер кој помагал во воздушната потрага. Во теренската акција учествувале и нуркачки тимови, вклучително и специјализирани единици од противпожарната служба.

Спасувачката акција траела околу два часа, по што околу 20 часот била прекината, а нуркачите го пронашле телото на 23-годишникот на дното на езерото по кратко пребарување.

Младиот човек живеел и работел во местото Фаак ам Зе, каде што го водел својот угостителски објект. Последен пат бил виден во понеделник попладне во Дроболах, по што трагата му се губи.

Поврзани содржини