ДЕФЕКТ НА МАМОГРАФОТ ВО ШТИП, ПАЦИЕНТКИТЕ ЌЕ СЕ СНИМААТ ВО КОЧАНИ Снимките ќе ги чита стручниот тим од штипската болница

Директорката на Општа болница Кочани вели дека ќе се воведе втора смена со цел да се излезе во пресрет на жените од источниот регион.

50

Министерството за здравство соопшти дека поради дефект на мамографскиот апарат во Клиничката болница Штип, мамографиите ќе се изведуваат во Општата болница во Кочани, а снимките ќе се читаат и интерпретираат од стручниот тим во Клиничка болница Штип.

Директорите на Клиничка болница Штип и Општа болница Кочани договорија взаемно решение со кое се овозможува континуитет на услугата за жените од источниот регион.

– Согласно медицинските индикации, пациентките кај кои е потребен дополнителен ехо преглед на дојка ќе се упатуваат и прегледуваат во Штип. Правиме напори за обезбедување нов мамограф за Штип, по соодветните проценки во изминатиот период за неможност за поправка на истиот – вели д-р Владко Захариев, директор на КБ Штип.

За пациентките од другите градови од источниот регион е предвиден посебен ден за прегледи, со цел подобра организација и поголема достапност.

Директорот на Клиничка болница Штип информира дека со оваа организација се овозможува мамографски преглед на околу 100 пациентки месечно.

Директорката на Општа болница Кочани вели дека ќе се воведе втора смена со цел да се излезе во пресрет на жените од источниот регион.

– Отворивме зголемен број термини, со цел да одговориме на потребите и да обезбедиме што поголем опфат на жените од целиот источен регион со оваа важна здравствена услуга – вели д-р Катерина Мирчовска.

– Институционално се мобилизиравме и во координација со двете здравствени установи овозможивме оваа услуга како времено решение да биде достапна за пациентките од овој регион. Ова е начин како системот треба да функционира кога ќе се соочи со предизвик – вели министерот за здравство Азир Алиу.

Поврзани содржини