Дедо Мраз пред католички Божиќ ќе ѝ ја донесе на државата златната акција за гасоводот, а на Макпетрол „пакетче“ од 33 милиони евра?!

Пратениците ќе го прослават католички Божиќ со расправата за договорот со кој Макпетрол треба да добие убави пари, а државата да стане газда на АД ГАМА.

865

Ако се оствари најавата на собранискиот спикер Талат Џафери дека на вечерашната седница на парламентот ќе се работи без прекин до исцрпување на точките на дневниот ред, може да се случи пратениците да го дочекаат католички Божиќ со расправата за договорот со кој Макпетрол треба да добие 33 милиони евра.

Последен обид тоа да се случи беше синоќа, но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го спречија. Власта и денеска се обидува да го помине договорот со кој на Макпетрол ќе му даде 33 милиони евра.






Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ го оцени предложеното законско решение како еден од серијата закони што ја убиваат правдата и ги прекршуваат основните начела на правото.

– По овој закон во Собранието би следел закон за решавање на спорот меѓу Мицкоски и Заев. Не може да има закон за спор зашто тој се решава со медијација и во судовите. Не смее Собранието да прерасне во квази суд – рече Силјановска Давкова и додаде дека Собранието е надлежно само за ратификации на договори.

За неа е недозволиво повикувањето на акти од минатото од 1987 година кои можат да се искористат како искуство и посочи дека институциите не треба да се затскриваат зад законот, туку да го решат спорот на начин каде и како што треба.

– Очекувам претседателот да се одважи и да стави вето ако го изгласате овој закон – рече Силјановска Давкова.

За Здравко Трајанов од истата партија ова законско решение е школски пример како се прават пари ако се спогодиш со Владата.

– Собранието нема надлежност за оваа проблематика и јавниот обвинител ќе мора во иднина да го истражи овој предмет за кој се водат судски спорови за утврдување на процентот кој го поседуваат двете страни како и неговата вредност. Во катастар гасоводот не е заведен. Се прашуваме како ќе се направи трансфер меѓу Макпетрол и МЕР ако се изгласа овој закон – рече Трајанов.

Собранието, посочи, не решава спорови и овој предлог закон е залутан во законодавниот дом зашто нема ингеренции и не може да го завери договорот за купопродажба во вредност од 33 милиони евра за делот на Макпетрол кој е проценет на 18 милиони евра.

– Целиот гасовод е проценет на 65 милиони евра, но треба да се има предвид дека е стар 20-тина години, а неговиот животен век од 30-тина години. Затоа државата треба да преземе мерки за да се заштити и да се направи супер вештачење за правилната пазарна вредност на гасоводот – рече Трајанов.

Пратениците расправаат за предлог-законот за решавање на децинискиот спор помеѓу државата и АД ГАМА. За пратениците од опозицијата, ваков закон е скандалозно воопшто и да се најде во Собранието, бидејќи спорот со Макпетрол околу сопственоста на националниот гасоводен систем требало да има разрешница пред судовите.

Пред судовите, државата и Макпетрол од 2005 година досега водеа три судски спорови во кој се бараше да се утврди сопственичката структура во АД ГАМА. Со овој предлог-закон, државата на Макпетрол ќе треба да му плати 32 милиони евра и да ја купи акцијата која ја поседува компанијата, по што ќе стане сопственик на целиот гасоводен систем.

Во процедурално обраќање Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека пратениците од СДСМ треба да го спречат премиерот да го злоупотребува Собранието и им порача дека се подготвени цела вечер да расправаат, па ако треба и четири дена, и оти пратениците од власта за некое време ќе одговараат доколку го донесат ова, како што рече, криминално законско решение.

За расправа по текстот на законот се пријавени 37 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека денеска ќе се работи до исцрпувањето на листата на сите пријавени за говор.

Поврзани содржини