„ДЕЦАТА ВО ГАЗА ИЗГЛЕДААТ МНОГУ ГЛАДНИ НА ТВ“ Трамп рече дека ЕУ ќе испрати поголема помош за Палестинците и дека ќе побара и од Велика Британија да помогне
Претседателот на САД, Доналд Трамп, откри дека САД пред 2 недели издвоиле 60 милиони долари за хуманитарна помош за храна во Газа, но изрази разочараност што таа поддршка останала без признание.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска изјави дека ЕУ ќе испрати поголема помош за Газа и дека планира да побара и од британскиот премиер Кир Стармер да помогне.
На заедничката прес-конференција во Шкотска со Стармер, Трамп исто така рече дека разговарал со израелски претставници и им рекол дека можеби ќе мора да дејствуваат поинаку.
Тој додаде дека на луѓето во Газа им е итно потребна храна и безбедност.
Трамп му противречи на Нетанјаху
Трамп ѝ противречеше на изјавата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за гладот во Газа, изјавувајќи пред новинарите дека „палестинските деца изгледаат многу гладни“ врз основа на телевизиското покривање, за време на прес-конференција на неговиот голф-имот во Тернбери, Шкотска, објави Израел Хајом.
Претседателот откри детали за американска хуманитарна помош која досега не била признаена, непосредно пред неговата средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Дадовме 60 милиони долари пред 2 недели за храна за Газа. И никој не го призна тоа, никој не зборува за тоа. И се чувствуваш малку лошо кога го правиш тоа. А има и други земји што не даваат ништо… Би било убаво барем да добиеме „благодарам“ – рече Трамп.
Запрашан за тврдењето на Нетанјаху дека нема глад во Газа, Трамп одговори:
– Не знам. Судејќи по телевизијата, би рекол не баш, затоа што тие деца изгледаат многу гладни. Тие мора да добијат храна и безбедност веднаш
Трамп изнесе и детали од средбите со семејства на заложници, опишувајќи ја неговата проценка за ситуацијата со Хамас.
– Тие (семејствата на заложниците) се разурнати. И јас им реков, кога ќе се сведат на мал број, тогаш нема да можете да направите договор со Хамас, затоа што штом ќе ги ослободат, ќе сметаат дека тоа е крајот за нив. И тоа што го кажав е точно. Знаете, имаа рутински разговор пред некој ден и одеднаш тие (Хамас) се зацврстија. Не сакаат да ги вратат. Затоа Израел ќе мора да донесе одлука – изјави тој.
Трамп изрази загриженост за раширена кражба што ја попречува хуманитарната помош во Газа, велејќи:
– Луѓето ја крадат храната, ги крадат парите, ги крадат парите за храната. Крадат оружје. Крадат сѐ. Тоа е хаос. Целиот тој регион е хаос.
Претседателот ја критикуваше историската одлука на Израел за повлекување од Газа како контрапродуктивна, објаснувајќи:
– Појасот Газа, знаете, беше даден пред многу години за да се постигне мир. Тоа не испадна баш добро… Не беше баш многу паметна работа затоа што беше даден со цел конечно да имаат мир. А всушност ситуацијата се влоши.
Трамп појасни дека моментално не се позиционира по прашањето за признавање на палестинската државност, туку се фокусира на итните хуманитарни потреби, опишувајќи го својот пристап како:
–Сега се занимавам со тоа да нахраниме луѓе, тоа е првото нешто.