ДЕЦАТА СЕДНАА ВО КЛУПИТЕ Засега нема точни податоци за позитивните ученици и наставници
Во врска со барањата од страна на група родители, учениците да следат настава без заштитни маски, како и оние што бараа второто полугодие децата да го следат онлајн, Шаќири одговори дека ќе има средба со сите што мислат различно.
По одложувањето од две недели поради влошената ковид-состојба во земјата, денес почна второто полугодие за учениците во основните и средните училишта со физичко присуство и заштитни маски.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, по посетата на ООУ„Конгреси и Манастирит“, каде на учениците и наставниците им посака успешен почеток на второто полугодие, најави дека попладне ќе ја има првата информација колку од децата и наставниот кадар се заразни, но смирува дека според податоците од директорите на училиштата, не станува збор за висока бројка.
– Според комуникацијата на Министерството со директорите нема огромен број на позитивни случаи на наставници или професори и на деца. За мене поважно беше образовниот процес да почне, поважна беше информацијата од директорите дека се подготвени, поважна беше одлуката на Комисијата за заразни болести дека имаме услови за физичко присуство. Од денес сите професори влегуваат во настава, првата информација ќе ја имаме денес за да знаеме како се движи бројката на позитивни – рече Шаќири.
Во врска со барањата од страна на група родители, учениците да следат настава без заштитни маски, како и оние што бараа второто полугодие децата да го следат онлајн, Шаќири одговори дека ќе има средба со сите што мислат различно.
– Нема никаков проблем јас ќе се видам со сите што размислуваат поразлично, но сите знаете дека здравствените протоколи, вклучително и носењето маски, се препораки од Комисијата, кои важат и за други активности во нашата земја, па поради тоа тие треба да се почитуваат – рече министерот.
Според информациите до кои дојде Плусинфо во повеќето училишта каде што имало деца заразени со ковид-19 или биле во изолација поради контакт со лице заболено со коронавирусот, со цел да не отсуствуваат од првиот ден од второто полугодие, за нив било овозможено наставата да ја следат онлајн од нивните домови. За колкава бројка на ученици кои се дома, но и за наставници, министерот Шаќири појасни дека ќе биде познато во попладневните часови.
Инаку денес министерот Јетон Шаќири го посети ООУ„Конгреси и Манастирит“, од каде на сите учениците и наставниците им посака успешен почеток на второто полугодие.
– Како што знаете, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, како тело надлежно за координација на сите мерки и активности за справување со пандемијата, а земајќи ги и предвид препораките на УНИЦЕФ како најголема светска организација која работи на заштита и унапредување на правата на децата, Владата и МОН донесоа одлука второто полугодие да започне со одложен старт од 2 недели и со физичко присуство на сите ученици според утврдените и донесени протоколи. Наставата со физичко присуство е најдобрата опција за задоволување на интересите на учениците, влијае на квалитетот на стекнатите знаења, на социјализацијата и психофизичкиот развој – додаде Шаќири.
Како алтернатива, посочи министерот, постојат дополнителни две сценарија. Едното е преминување на целосно онлајн настава, а другото примена на комбиниран модел, доколку дојде до промена на епидемиолошката состојба која постојано се следи и доколку такви насоки даде Комисијата за заразни болести и доколку такви заклучоци произлезат од скринингот кој ќе го спроведува Министерството за здравство на ученици одбрани по случаен избор.
Денес, второто полугодие од учебната 2021/2022 година, започна за околу 255.000 ученици – 185.000 во основните и 70.000 во средните училишта.