Децата на комунизмот

Прочитајте ги уште еднаш биографиите на претседателот на Собранието, на премиерот и екс-премиерот, на министрите, на олигарсите во државава кои раководат со економијата… Ви се допаѓаат, ви звучат демократски, проевропски? Е па, чувајте си ги. Ако е за утеха, и ОБСЕ покажа дека сѐ уште живее во времето на „Студената војна“, „Железната завеса“, анахроните поделби, едноумието, (не)културните војни…

911

Го читам Геровски за идеите односно за нашата (пословична) безидејност и гледам дека веќе ми го напишал „воведот“. Случајно, се разбира, односно се поклопиле „идеите“. Зашто Македонија цели три децении се врти (како „ќоро пиле“!) не само во светот на безидејноста туку (и) во маѓепсаниот круг на старото наспроти новото, на анахроното наспроти современото, на закоравените (пост)комунистички рецидиви наспроти забревтаниот храбар нов свет…

И да, ние сме и медиокритети, и конформисти, и провинцијалци (или ропаци, како сакате)…, исплашени деца на комунизмот оставени зачаурени во догматската магла на минатото.






Поточно, ако некој денес оваа транзициска турли-тава викана Македонија (па нека е и Северна) ја нарече типична (пост)комунистичка земја а нас деца на комунизмот, многумина, без миг размислување, би се впуштиле во остра полемика. Дури би се нашле и навредени. Иако, фактички, секој кој во онаа 1991 година „влезе“ во „новата“ држава со право на глас – што ќе рече повозрасен од осумнаесет години – не беше ништо друго туку токму дете на комунизмот. На еден или на друг начин.

И тој период од македонската историја не го спомнувам во денешен контекст со некаква скриена омраза или пак доза на одбојност, напротив, зашто Македонија токму во тој период од феудален вилает стана современа држава. Но, едно е држава, друго е народ односно луѓе. И во таа држава, па нека е и комунистичка, имаше луѓе со феудален (или паланечки, сеедно) дух и луѓе со комунистички дух. За жал, немаше многумина со проевропски, или прозападен, но со Западот скришно се кокетираше.

Проруски? Ма дајте, ве молам.

Но, новата држава не донесе нов дух. Односно – го донесе, наречен независност, сувереност, самостојност…, но бргу и го згасна. Самата. Затоа, продолжија да виреат феудалниот и комунистичкиот квази-дух, особено во последниве петнаесетина години, со регресирање кон некои анахрони квазидемократски, квазилиберални и анархокапиталистички (квази)формати. Коишто, во самата нивна суштина, никако не сакаа(т) да се „одлепат“ од комунизмот. Не како идеолошки концепт, се разбира, туку како пракса, како шанса за некритичко авторитарно (често и тоталитарно!) владеење, како модел за доминација на партијата над државата и граѓанинот, како стил на неодговорно и недопирливо кич однесување на политикантската врхушка и нејзиното самопоставување над другите.

Сето тоа, се разбира, со засилени намигнувања надвор и внатре. Надвор со ЕУ и САД и со истомислечките удбашки „структури“ во соседните земји; внатре со религијата, со некои мрачни националистички сили од минатото, со консолидирање на „образованата“ екс-комунистичка клиентела за свои потреби итн.

Инфекцијата викана авторитарен односно тоталитарен комунистички „стил“ на мислење и практикување на власта се врати во сите пори на општеството, без исклучок. Сѐ, и буквално сѐ, од политиката до судството, од културата до образованието, од економијата до земјоделието…, е проткаено со цврсто вкоренети остатоци на комунистичката логика и пракса. Ние, и во голема мера и Србија и Бугарија, бргу по 1991 година успеавме комунизмот да го кренеме од смртната постела и повторно да го поставиме на нозе, а потоа и да му вдахнеме нов животворен импулс.

И не само комунизмот како дух туку и неговите орди. Ама тие не беа духови, тие се покажаа/се покажуваат реални и цврсти. Гранитни. И неуништиви, како пиреј. Овие „деца на комунизмот“ едноставно ни го разбираат Западот, уште помалку ЕУ, ниту пак тоа им е важно. Тие само сакаат да останат на овие клучни позиции и да доминираат со сите витални правци на „развојот“, до конечното целосно приватизирање на сите ресурси. Како да ова што до сега го зграбија не беше доволно за нормален човек. Ама, проблемот е што тие не се нормални!

Нема област каде нивните пипци не допреле, и по хоризонтала и по вертикала. Од врвот надолу, пирамидално. Ако, на пример, повнимателно ја преслушате „изјавата“ на претседателот на државата за „случајот Тенк“, сега, после цели шест години, и неговото признание дека станува збор за монтиран процес односно „еластични норми“, и понатаму ли ќе ги негирате пипците на комунизмот? Особено што човекот кој го кажува ова „мртов ладен“ и понатаму си седи во претседателската фотелја! Па дури бара и втор мандат!?!

Ако пак кон овие случаи ги додадете оние на Александар Диневски, Зоран Божиновски, Томислав Кежаровски, Ѓоко Поповски… и уште редица други по истиот терк монтирани судења, па фактот дека судијката во „Тенк“ сега е претседателка на Уставниот суд, уште ли ќе го негираме „наследството“ од минатото (сѐ уште) длабоко вкоренето и во овој „систем“? Или, настојчивото „агитирање“ на амбасадорката на САД за немешање на власта токму во судството? Таа тоа го прави заради некакво хоби или љубов кон македонското судство или смрдеата на стариот систем во него е толку силна што им пречи на странците? А нам – не?

Или, прочитајте ги уште еднаш биографиите на претседателот на Собранието, на премиерот и екс-премиерот, на министрите, на олигарсите во државава кои раководат со економијата… Ви се допаѓаат, ви звучат демократски, проевропски? Е па, чувајте си ги.

Ама не ќе можете така одлесно да преминете преку забелешките на еден член (Снежана Камиловска Трповска) на Комисијата за селекција за избор на претседател и членови на Антикорупциската комисија, која вели: „Евидентно од посочената ранг-листа е дека како претставник на граѓански сектор од областа на демократија и владеење на право имам целосно различна перцепција за избраните кандидати, со што јасно се манифестира и ставот на граѓанските организации за идниот состав“, вели таа.

Која е, каква е таа „различна перцепција“, прашува ли некој? И различна – од што? Од владејачката комунистичка перцепција којашто диригира претседателот и членовите на Антикорупциската комисија да бидат државни службеници, плаќани од оваа власт? Или луѓе верни на некои партиски идеали? А би требало да истражуваат корупција во истата таа власт? Приказни за мали деца? Се разбира, но не сите баш ги прифаќаат, нели. Иако повторно се во малцинство!

И дали, навистина, како што вели таа, членови на Антикорупциската комисија можат да бидат луѓе кои одбиваат „(…) да одговорат на директни прашања за општествени состојби, како процесот на заробеност на државата, високопрофилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 година, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање и слично“?

А оној универзитетскион „експерт“ бара „соочување со самите себе како луѓе и со вредностите кои ги носиме во себе“. Па соочете се веќе еднаш, деца на комунизмот, и оставете нѐ раат, конечно!

П.С.

Но, ако е за утеха, и ОБСЕ покажа дека сѐ уште живее во времето на „Студената војна“, „Железната завеса“, анахроните поделби, едноумието, (не)културните војни…

 

извор: teodosievskiumetnost

Поврзани содржини