Деца, родители, робови и господари

Пристигнувате на своето работно место, го пиете првото утринско кафе заедно со колегите и одеднаш добивате повик од училиштето од каде што ве информираат дека еден од наставниците го малтретирал вашето дете и дека снимката може да ја погледнете на социјалните мрежи. Што правите во тој момент?

2,859

Ви препукнува срцето од мака кога го будите своето дете толку рано наутро, а тоа ви вели дека премногу му се спие и ве моли за дополнителни две минути сон. Му подготвувате брз појадок, го бакнувате, му ја поднаместувате косата, му кажувате „те сакам“ и го испраќате на училиште каде што треба да се образова, да научи да чита, да пишува, да собира, да одзема.

Вие брзински ги завршувате основните домашни обврски, се подготвувате и заминувате на работа. Пристигнувате на своето работно место, го пиете првото утринско кафе заедно со колегите и одеднаш добивате повик од училиштето од каде што ве информираат дека еден од наставниците го малтретирал вашето дете и дека снимката може да ја погледнете на социјалните мрежи.






Што правите во тој момент? Ќе останете на работа и ќе ја одработите саатницата како ништо да не се случило или ќе влезете во кола и во истиот момент ќе се пресметате со наставникот-насилник?

Што и да одлучите, ќе згрешите. Оти, штетата е веќе направена. Затоа, најдобро би било најпрво да успеете да се воздржите, да останете присебни и да го исконтролирате бесот, а потоа да му се јавите на вашето дете и со смирен тон да му проговорите: „Сине, немој да се плашиш, ќе биде сè во ред“. Верувајте, таквата порака ќе му даде крилја и ќе го охрабри вашето преплашено чедо, кое, во таквите стресни моменти, милион работи би можеле да му се вртат низ главата. Една од тие работи, на пример, е дека дома ќе го очекува долг и напнат семеен рапорт во кој ќе мора да ја открие причината за настанувањето на инцидентот. Затоа, докажете му дека сте на негова страна и објаснете му дека ниту една детска беља не може да биде оправдување за насилство.

Потоа, откако ќе го сторите тоа, замолете го шефот да ви дозволи получасовна пауза. Претрчајте до најблиското кафуле, порачајте си кафе и почнете да пишувате сценарио. Всушност, почнете да правите скица во која ќе бидат вметнати сите работи што вечерта ќе треба да му ги објасните на вашето дете, а за кои досега сте сметале дека сè уште не било дојдено време за таков разговор.

И, почнувате. Ако не ви оди баш најдобро со пишување сценарио, тогаш обидете се да напишете писмо. Но, направете го тоа на едноставен начин и со свои зборови. На пример, вака:

Дете мое,

Прво, сакаме да ни простиш поради тоа што одлучивме да се родиш тука. Уште многу одамна имавме можност да се преселиме во странство и да побегнеме од хаосот, но ете, не го сторивме тоа. Мислевме дека ќе се средат работите и дека конечно ќе живееме во нормална држава, но се излажавме. Но, ти ветуваме дека во следниот период ќе сториме сè што можеме за да си ја поправиме грешката од младоста и да ти овозможиме нормален живот во странство. Ќе биде тешко, но верувам дека ќе успееме. Ќе те извлечеме од бедотијава, па макар биле и Бугари.

Второ, треба да сфатиш дека живееме во општество без вредности и без морал. Треба да разбереш дека моќта го врти светот. А моќта е во парите. А парите се кај политичарите. Политичари се оние луѓе кои строго ти забрануваме да ги гледаш на телевизија. Исто како што ти ги забрануваме турските серии. Тоа ти е исто. Е, тие луѓе за да бидат таму на телевизија, мора да ангажираат други луѓе, кои во историјата се нарекуваат и – робови, а кои ќе сторат сè за да им ги исполнат желбите на своите господари. Но, и тие робови, кои секогаш пред избори одат од куќа во куќа и ги тераат другите луѓе да гласаат за нивните господари, бараат нешто за возврат. Најчесто бараат да добијат работа која не ја заслужуваат и за која немаат соодветно образование. Со чест на исклучоци, но најголемиот дел од твоите наставници и наставнички на училиште се такви робови. И ова не е случај само во образованието, туку во секоја друга сфера во општеството. Затоа, дете мое, се случи тој инцидент денеска и затоа наставникот ја загубил контролата и те истепал. Оти, добар наставник, кој си ја сака работата и си има поставено цел во животот, а тоа е да го пренесе своето знаење на новите генерации, никогаш не ја губи контролата. Впрочем, и наставникот кој денеска те истепа, всушност ти одржа една многу важна животна лекција. Можеш да му се лутиш, но главни виновници се неговите господари кои упорно и со години наназад го досмрдуваат и така смрдливиот образовен систем.

И трето, обиди се да се самообразоваш ако веќе државата е неспособна да ти овозможи образование. Читај книги. Интересирај се. И биди свој. И не си ги тенчи нервите. Оти во текот на животот ќе се соочиш со милион неправди. Ќе добиваш уште многу шлаканици по образите. Ќе дојдеш во ситуација кога ќе треба да платиш и онаму каде што не си должен. И уште ова, ако не успееме заедно, тогаш бегај сам. Бегај, сине, бегај! БЕГАЈ!

Поврзани содржини