Де Ланој од ММФ: Политизирањето на случајот Еуростандард банка ја загрозува независноста на Народната банка

Извршниот директор на ММФ смета дека во случајот има неточни и шпекулативни изјави од некои засегнати страни, во врска со банкарскиот систем и Народната банка.

353

Одземањето на дозволата на Еуростандард банка покажува дека Народната банка е подготвена да преземе навремени корективни супервизорски активности за да се обезбеди целокупната стабилност на финансискиот систем, изјави извршниот директор во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Антони де Ланој кој е и задолжен за земјава на состанокот кој се одржа деновиве во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка.

Де Ланој рече дека со политизирањето на случајот со Еуростандард банка се  загрозува независноста на Народната банка.






– Меѓународното искуство покажа дека без независност, централните банки се воздржуваат од донесување тешки, но неопходни одлуки, што на крајот ја става во опасност стабилноста на севкупниот финансиски систем и може да доведе до далеку поголеми загуби за општеството отколку кога навремено се преземаат потребните корективни супервизорски активности – рече Де Ланој.

Извршниот директор на ММФ смета дека во случајот има неточни и шпекулативни изјави од некои засегнати страни, во врска со банкарскиот систем и Народната банка. Според него, ваквите изјави може да имаат сериозни штетни ефекти и ги повика сите засегнати страни да се воздржат од неодговорно однесување што може да ја доведе во опасност стабилноста на финансискиот систем, особено во време на глобална криза и во време кога ММФ го оценува македонскиот финансиски систем во целина како стабилен.

Де Ланој посочи дека ефектите од регулаторните барања коишто во изминатите години Народната банка ги засили во согласност со најновите меѓународни стандарди и со глобалните најдобри практики, се согледуваат и преку последните податоци коишто покажуваат дека банкарскиот систем е отпорен на шокови.

Тој нагласи дека банките во Северна Македонија, во моментов се добро капитализирани, мерено според адекватноста на капиталот на системот, којашто е повеќе од двојно повисока од минималните регулаторни барања согласно со глобално прифатените стандарди на Базел III. Според извршниот директор на ММФ, стабилниот банкарски сектор ќе биде силна основа за раст на економијата во посткризниот период.

 

Поврзани содржини