Даштевски: Под знак прашалник е дали ќе се набават скенерите за отисоци од прст

Тој појаснува дека ова е последниот месец во кој може да почне постапката за набавка на овие скенери.

464

Во гостувањето на Дневникот на Сител, претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски рече дека под знак прашалник е дали ќе се успее да се набават скенерите за читање на отисоци од прст за претстојните локални избори.

Тој појаснува дека ова е последниот месец во кој може да почне постапката за набавка на овие скенери. Доколку, тој процес не почне сега, многу е извесно дали претстојните локални избори ќе се спроведат со оваа опрема.






– Мора да има избори. Барани се средства за опремата уште од септември минатата година. Јас кога дојдов тоа го видов, одлуката на претседателот на ДИК со која бара од буџетот да се пронајдат средства, меѓутоа такви средства не се предвидени. После тоа, на првата седница на ДИК се донесе одлука да се побараат средства. За таа одлука чекавме две недели и денеска добивме одговор дека доколку ДИК е во можност да ги спроведе изборите, тогаш ќе се одобрат средства што за мене е нејасна одлука – рече Даштевски.

Според него, со користењето на овие скенери изборниот процес ќе биде многу посигурен. Претходните членови контактирале неколку производители, но засега не се знае каква опрема треба да се набави или да се изнајми.

– Се надевам дека ќе најдеме сили да го завршиме тој дел од обврската бидејќи нема друга алтернатива. Мора да се спроведува Законот така како што е напишан. Не можеме сега, утре може да се појави друг проблем и ние да кажеме, па немаме време ниту за ова. Тогаш се доведува во прашање кредибилноста на изборите, дали се тие легитимни или нелегитимни ако не се спроведени сите законски обврски – рече Даштевски.

Даштевски денеска разговарал и со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој изразил подготвеност идната недела да се сретнат и да продискутираат околу ова прашање и неговата реализација.

Даштевски на денешната седница предложил ДИК да се обрати и до Владата, но предлогот бил одбиен.

– Сепак, сметам дека ќе успееме да се договориме. Во неофицијалните разговори со колегите, дојдов до заклучок дека тие се сомневаат дали ќе можеме да ја исполниме таа обврска, но немаме алтернатива, Законот тоа не го пропишува, туку вели дека мора да се реализираат сите постапки за изборите. Се надевам дека има време,  седум месеци се во прашање за да се набави опремата и да се инсталира. Се надевам дека сите членови на ДИК ќе најдеме сили да го завршиме овој дел од обврската зашто нема друга алтернатива, Законот мора да се спроведе – повтори Даштевски.

За набавката на скенерите веќе е контактирано со некои странски компании, а можно е, опремата и да се изнајми, но многу е важно, како што рече Даштевски, таа да биде блиска со опремата во МВР.

– На средбата со Спасовки ќе утврдиме детали, но и со Државниот завод за статистика – истакна првиот човек на ДИК.

Според него, добро тече работата во однос на Избирачкиот список.

– Избирачкиот список четири пати годишно се ажурира, на секои три месеци. Најновата состојба е дека за неколку илјади е намален. Така ќе биде до изборите и сметам дека тој дел ќе биде добро завршен – информира Даштевски.

За софтверот кој беше хакиран на претходните избори, претседателот на ДИК рече дека истрагата е во тек.

– Дел од истрагата е завршен во МВР, а дел продолжува во Јавното обвинителство, Тешко може да се утврди од каде дојде нападот, но тој што го направил веројатно е врвен професионалец и е од страна. Сметам дека органите ќе си ја завршат својата работа – рече Александар Даштевски.

Поврзани содржини