ДАРИУС КОНЏИ Е ДОБИТНИК НА ЗЛАТНА КАМЕРА 300 Во Битола доаѓа и оскаровецот Воли Фистер

Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава ќе се одржи од 20 до 26 септември во Битола.

40

Дариус Конџи е добитник на Златна камера 300 за животно дело на 46 издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. Оскаровецот Воли Фистер годинава во Битола ќе ја прими Специјалната камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност.

Оваа година автор на плакатот за фестивалот е истакнатиот уметник Киро Урдин, а селектори на фестивалот се Слаѓан Пенев, Марија Апчевска, Атанас Велковски, Кумјана Новакова и Ханис Багашов.






Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава ќе се одржи од 20 до 26 септември во Битола.

Конџи два пати бил номиниран за „Оскар“

Дариус Конџи е роден е на 21 октомври 1955 година во Техеран, Иран. На рана возраст неговото семејство се преселува во Франција, а тој подоцна заминува за САД за да студира на УКЛА, а потоа магистрирал на Универзитетот во Њујорк.

Двајца професори влијаеле врз неговата одлука да стане кинематографер: Јонас Мекас и Хејг П. Манугијан (професорот по филм на Мартин Скорсезе), снимајќи ги филмовите на другите студенти, надоградувајќи ја вештината за кадрирање. По престојот во САД, Конџи се враќа во Франција во 1981 година и работи како асистент за кинематограферите: Бруно Нујтен, Мартин Шафер и Паскал Марти.

Првиот интернационален успех го постигнува со пост-апокалиптичната црна комедија „Деликатеси“ (1991), при соработката со режисерите Марк Каро и Жан-Пјер Жене, остварувајќи ги нивните научно-фантастични визии во „Градот на изгубените деца“ (1995).

Со режисерот Дејвид Финчер најпрвин соработуваат на рекламата за Најк, а потоа и на култниот крими трилер „Седум“ (1995). Овој филм ќе му овозможи да оствари низа успешни соработки во 90-тите. Со Бернардо Бертолучи ќе го реализира „Крадење убавина“ (1996), првата номинација за оскар ќе ја добие за „Евита“ (1996) режиран од Алан Паркер, ќе работи на четвртиот дел од франшизата „Вонземјанин воскресение“ (1997) од режисерот Жене, завршувајќи ја декадата со психолошкиот трилер во режија на Нил Џордан „Во соништата“ (1999) и неоноар хорор филмот „Деветтата порта“ во режија на Роман Полански.

Во 2000 остварува соработка со режисерот Дени Бојл за филмот „Плажата“ (2000), ја продолжи соработката со Финчер на „Соба за паника“ (2002), ја започна соработката со Вуди Ален на „Сѐ друго“ (2003), со кого подоцна во кариерата ќе ги сними уште четири други долги филма меѓу кои се истакнуваат „Полноќ во Париз“(2011), „Ирационален човек“ (2015).

Значајни соработки остварил и со режисерот Џејмс Греј, со кого работеле на периодичните драми: „Имигрант“ (2013), „Изгубениот град З“ (2016), „Време на Армагедон“ (2022), со Бонг Џун-хо во научно-фантастичниот „Окја“ (2017), со браќата Сафди на фуриозниот „Необработени дијаманти“ (2019) и со Ињариту на очудувачкиот „Бардо“ (2022).

Најдобар доказ за незапирливоста на Конџи е фактот што оваа година реализираше три значајни филмски остварувања, соработувајќи најпрвин со Бонг Џун-хо на неговиот научно-фантастичен свет на репликанти „Мики 17“, потоа го сними еден од најзначајните модерни вестерн филмови „Едингтон“ во режија на Ари Астер, а моментално во постпродукција е новиот филм на Џош Сафди „Врвниот Марти“ во кој Тимоти Шаломе го глуми аспиративниот играч по пинг-понг.

Конџи има снимено голем број видеоспотови со реномирани музички поп артисти: Мадона, Џеј-Зи, Лејди Гага, Тејлор Свифт, Еминем.

Номиниран е за два оскара за најдобра кинематограферска дејност за „Евита“ и „Бардо“, една номинација за наградата БАФТА, по три номинации од Американското здружение на кинематографери (ASC) и Британското здружение на кинематографери (BSC), три номинации за наградите Цезар и две номинации за наградите Индипендент спирит.

Фистер е заслужен за оживување на акционите суперхеројски филмови

Американскиот оскаровец е роден на 8 јули 1961 година како Волтер Ц. Фистер, кој иако е роден во Чикаго, израснат е во Њујорк. Застанал зад камера работејќи во њујоршките телевизии како камерман, а пред камера го поставува за првпат Рoберт Алтман работејќи ја ТВ-серијата „Танер ‘88“. Фистер дипломирал на Американскиот филмски институт (АФИ), каде работел на студентскиот краток филм „Што направивме?“ (1990) кој бил номиниран за оскар за краток игран филм во 1991 година.

Неговиот талент и потенцијал го препознал Роџер Корман, кој му понудил можност да стекне искуство работејќи на филмовите од неговата независна продукција. Првиот долгометражен филм на кој работел како кинематографер е научно-фантастичниот хорор филм „Нероденото“ (1991) во режија на Родман Флендер.

Средбата со Кристофер Нолан која ќе му го промени животот се случила на Санденс, каде бил селектиран филмот на кој работел „Хај-лајн“ (1999).

Првиот од нивните заеднички успеси е филмот „Мементо“ (2000), потоа филмот „Несоница“ (2002), римејк на истоимениот норвешки филм.

Заедно со Кристофер Нолан се заслужни за ревитализирање на акционите суперхеројски филмови во светски рамки. Фистер и Нолан работеле на „Почетоците на Бетмен“ (2005), означувајќи ја смртта на родителите на Брус Вејн и неговото станување на Бетмен, со кого за првпат е номиниран за оскар.

Неговото продолжение „Темниот витез“ (2008) му ја обезбеди втората номинација за оскар. Трилогијата е комплетирана со „Подемот на темниот витез“ (2012).

Неговата кинематограферска работа неколкупати е номинирана за награди од страна на Американското и Британското здружение на кинематографери.

 

Поврзани содржини