ДАНЕЛА НЕ СИ ГИ ЗНАЕ ИНГЕРЕНЦИИТЕ, УТРЕ ЌЕ ПОЧНЕ ДА АПСИ! Градоначалникот Ѓорѓиевски нема намера да ја плати казната
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски треба да плати казна од 84.000 евра за одложување на отпад на јавна површина пред депонијата „Дрисла“, но тој ветува дека ќе ја оспори на суд.
Градоначалничката Данела Арсовска нема капацитет и не е кадарна за водење на градот. Со обидот да се пише казна за општината, се покажа дека не си ги знае надлежностите и ингеренциите, ниту знае која е територијата која ја администрира, рече градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски за најавената казна од 84.000 евра која треба да ја плати за одложување отпад на јавна површина пред депонијата „Дрисла“.
Ѓорѓиевски најави дека ќе ја оспори казната на суд и информираше дека за одлагање на отпад во „Дрисла“ нема потреба од никаков договор бидејќи има одлука во 2005 година дека сите скопски општини можат во секое време да одлагаат отпад во депонијата и за тоа треба да платат.
– Еве влезни фактури до општината, неколку дена пред неделата кога бевме попречени да го оставиме отпадот. Се гледа тежината на отпадот за влез во „Дрисла“ и оттаму е изработката на фактурата. Ова е побивање на лагите на Арсовска и нејзините работници. „Дрисла“ не се наоѓа на територијата на Град Скопје, туку на дел од општина Сопиште и дел на Студеничани, па Арсовска без да знае ги пуштила инспекторите да изречат казна за нешто што се случило на место каде што тие немаат ингеренции – истакна градоначалникот.
Ѓорѓиевски рече дека „биле принудени да го остават ѓубрето пред портите на депонијата бидејќи час и половина чекале, нивните возила не биле примени и немале друга опција“.
– Моравме ѓубрето да го одложиме пред ЈП „Дрисла“. Втората опција беше отпадот да го вратиме во Кисела Вода и онаа депонија што Данела ја создаваше, да ја оплемениме повторно. Тоа не е нејзино фамилијарно претпријатие, туку јавно, на нашиот народ, во кое претходно сме фрлале отпад – кажа градоначалникот.
Тој исто така постави неколку прашања до градоначалничката Арсовска.
– Дали оваа нејзина постапка значи дека утре сабајле Арсовска може да стане од спиење и да влезе во филм дека е министер за внатрешни работи, па да казнува луѓе по улиците и да апси? Госпоѓата не ги знае надлежностите и ингеренциите. Иако докажа дека нема капацитет за водење на градот и не знае да се справи со предизвиците, со ова покажа дека не ја знае територијата со која администрира. Зошто му требаа 12 месеци на новото раководство на „Комуналец“, а на градоначалничката речиси две години да открие дека луѓе не оделе на работа, а земале плата? Која била позадината и зошто ги штителе изминативе години? Сите знаеме дека после три дена отсуство од работа следува отказно решение – додаде градоначалникот.
Првиот човек на Кисела Вода рече дека ја разгледува можноста да поднесе кривична пријава до Арсовска и до директорката на „Комуналец“ Косана Мазнева, бидејќи, според него, тие го загрозиле здравјето на граѓаните во изминатиот период.