Данела не е Кличко па да мисли на сите
Ме дочека едно бедно и мизерно Скопје, град кој воопшто не наликува на ниту една друга светска метропола. На елката, ако воопшто може да се нарече елка, закачени се некакви светилки, поставени се куќарки и „забавен парк“ со една вртелешка и вовче за најмалите.
Предновогодишната атмосфера на плоштадот во Киев е слична со предновогодишната атмосфера на плоштадот во Скопје. Има само една мала разлика: во Скопје не се води војна и не паѓаат ракети!
Ај што ситуацијата е речиси слична, кога станува збор за украсувањето на градот, дури можам да го пофалам градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, кој и покрај војната и секојдневните бомбардирања, успеа на своите сограѓани да им обезбеди новогодишна елка. Според фотографиите и видеата кои се споделуваат оттаму можам да кажам дека е многу полична од скопската. Градоначалникот дури довел и струја преку генератор со цел да им внесе малку надеж на своите сограѓани и да им ги разубави претстојните празници, иако, нели, не им е баш до празнување…
Но, изгледа тоа истото е научна фантастика за неговата колешка од Скопје. Вчера одлучив малку да се размрдам и да прошетам низ центарот на градот, оти слушнав дека градоначалничката се пофалила дека централниот дел е украсен.
И што ме дочека? Ме дочека едно бедно и мизерно Скопје, град кој воопшто не наликува на ниту една друга светска метропола. На елката, ако воопшто може да се нарече елка, закачени се некакви светилки, поставени се куќарки и „забавен парк“ со една вртелешка и вовче за најмалите.
Данела Арсовска се пофали дека за украсувањето ќе информирала на „специјална“ прес-конференција, која сѐ уште ја чекаме, иако до најлудата ноќ во годината има само уште 10 дена. Да, таа не кажа ниту кога ќе ја одржи, оваа или можеби следната година?!
Сосема случајно во едно нејзино гостување во една телевизиска емисија, запрашана од колегата кога и дали Скопје ќе биде украсено, онака со гордост изјави – „Додека тука говориме, веќе е започнато украсувањето на Скопје, скопјани ќе добијат новогодишен базар, елка, забавен парк….“.
Дали можеби се шегуваше?
Оти, добивме само т.н. елка е поставена на месото на фонтаната која „јаде“ камиони, околу неа десетина куќарки и пред Камениот мост еден рингишпил од времето на Тито. А зад тој дел – штурци. Ниту светилка, ниту лампион, едно големо ништо. Апсолутно нема нешто што кај луѓето би разбудило некакво претпразнично чувство. Нема никаква предновогодишна атмосфера. Сè си е како и секогаш – темно, валкано, никакво.
Сета среќа што сопствениците на кафулињата и на рестораните во центарот на градот се погрижиле на своите гости да им ја доловат новогодишната атмосфера, на Кејот 13 Ноември и Улица Македонија, па тука може до некаде да се ублажи сивилото во кое се наоѓа Скопје.
И лани, првата Нова година од мандатот на Арсовска не беше ништо поразлично. Тогаш градоначалничката излезе на прес-конференција најавувајќи спектакуларно раскинување на договорот со фирмата за украсување што го склучил нејзиниот претходник. И тогаш ни ветуваше дека Скопје нема да биде мрачен и тажен град, дека скопјани ќе можат да уживаат во украсениот простор. Искрено, и лани беше катастрофално украсувањето, ама рака на срце, во споредба со оваа година – беше фантастично!
Некој ќе рече: па нели штедиме електрична енергија и ги рационализираме трошоците? Па зарем во Крива Паланка нема енергетска криза? Зарем во Охрид нема енергетска криза? Во Кавадарци? Битола?
Луѓе, ни се смеат! Битолчани на шега велат дека ќе ни организираат превоз за 900 денари за да се сликаме со новогодишната елка на Широк Сокак.
Додека во некои градови од внатрешноста се организира пречек на најлудата ноќ во годината, во Скопје владее штама. Арсовска повторно вели дека ќе има забава, но дека ќе настапат македонски музичари. Океј, супер е тоа, да ја поддржиме македонската музика и нашите уметници, но кои се тие, каква е програмата, кој ќе ги забавува дечињата, кој ќе им пее на возрасните? Сето ова и натаму е мистерија.
Можеби ќе дознаеме на 31 декември, а можеби и не.