„ДАЛИ ВО ГРАЃАНСКИОТ УСТАВ ЌЕ ГИ ИМА МАКЕДОНЦИТЕ“? Пендаровски ја праша Силјановска Давкова дали го променила ставот и за НАТО
Во своето обраќање кандидатот за втор претседателски мандат Стево Пендаровски праша и дали ВМРО- ДПМНЕ го променил ставот за интегрирањето на земјава во НАТО.
На денешниот граѓански собир во Скопје, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски се осврна и на меѓуетничките односи, истакнувајќи дека од независноста на земјата досега, тие се најстабилни бидејќи, како што рече, оваа политичка гарнитура знае дека освен евро-атлантските интеграции, соживотот е еден од двата клучни фактори за напредок на земјата. Но и за ова прашање, додаде тој, опозицијата не води сметка.
– Пред секои избори, како по правило, бараат 61 пратеник за наводно да не биле условувани од Албанците, а, пред некој ден повикаа на формирање на семакедонски патриотски фронт, исто како во времето на режимот, не водејќи сметка дека етничката хомогенизација во мултиетничка држава како нашата е рецепт за дестабилизација – рече Пендаровски.
Пендаровски се осврна и на неодамнешната изјава на кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова во која вели дека ќе направи нов граѓански Устав, а притоа, како што подвлече Пендаровски, не објасни дали во него ќе има место за Македонците.
– Најнова идеја промовирана во кампањата им е предлогот за носење на целосно нов граѓански устав за кој опозиционата партија до сега се нема произнесено зошто ни е тоа потребно и дали таквиот устав може да го наруши концептот воспоставен со Рамковниот договор – рече Пендаровски.
Тој рече и дека ВМРО- ДПМНЕ го променил ставот за интегрирањето на земјава во НАТО.
–Прво, во обид да ги манипулираат граѓаните, нивниот став за нашата интеграција во НАТО доживеа невидена трансформација. Лично од нивната кандидатка за претседател чувме дека интеграцијата во НАТО алијансата била важна за стабилноста на земјата, а истата личност пред 4 години бараше кривична одговорност за потписниците на Преспанскиот договор. Партијата која ја поддржува, за овој политички лупинг не кажа ниту збор, мислејќи дека ги имаме заборавено жестоките критики и тешките лични навреди упатени кон сите нас, кои го поддржуваме тој договор. За да биде парадоксот уште поголем, високи претставници на таа опозициона партија поверуваа во сопствената пропаганда и две години по усвојувањето на преговарачката рамка сѐ уште не знаат што пишува во неа: имено, дека целокупното европско законодавство ќе биде преведено и на македонски јазик, а македонскиот ќе биде еден од официјалните јазици во таа организација во моментот кога ќе станеме членка. Сакаат да заборавиме и дека во септември минатата година не се случи потпишувањето на договорот со Фронтекс, европската агенција за чување на границите на Шенген зоната кој го потпишавме и на македонски јазик – рече Пендаровски.
Пендаровски го прокоментира и предлог на ВМРО-ДПМНЕ за деблокада на нашиот европски пат.
-Пред странските дипломати изразуваат формална подготвеност за деблокада, висок претставник од нивната сестринска партија од Германија, по разговорите со нив рече дека е убеден дека ќе гласаат за уставните промени, а, овие и понатаму секој ден повторуваат дека уставни промени нема да има под бугарски диктат рече Пендаровски.