ДАЛИ ТРЕБА ДА ПЛАТИТЕ НАДОМЕСТОК КОГА ЗАТВОРАТЕ СМЕТКА ВО БАНКА? Народна банка информира и кога сметката станува неактивна

Доколку граѓаните не ја користеле платежната сметка подолго од 2 години, или, пак, не оствариле комуникација со давателот на платежните услуги во врска со таа сметка во овој период, банката ќе ја прогласи сметката за неактивна.

223

Банката не смее да наплаќа надоместоци за затворање на платежната сметка, ниту, пак, надоместоци за затворање дебитни или кредитни картички, доколку рамковниот договор којшто го има граѓанинот со банката е постар од шест месеци. Банката е должна веднаш да ја затвори сметката на барање на граѓанинот, или, пак, доколку во договорот е предвиден отказен рок, најдоцна во рок од 30 дена, објаснува директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски, во интервју за Македонското радио.

-Граѓаните имаат право да поднесат приговор до банката, а потоа и поплака до Народната банка, којашто ќе ја разгледа поплаката и ќе контактира со банката, а потоа соодветно ќе го извести граѓанинот дали приговорот којшто го поднесол е соодветен и ако е, ќе ѝ даде насоки на банката да постапи според приговорот – посочува директорот.






Величковски во интервјуто говори и за неактивните сметки.

– Сите ние отвораме сметки кај банките за различни потреби и по некое време, може да заборавиме дека ја поседуваме таа сметка на која можеби останале парични средства. За првпат, со новата правна рамка се уредува дека доколку граѓаните не ја користеле платежната сметка подолго од 2 години, или, пак, не оствариле комуникација со давателот на платежните услуги во врска со таа сметка во овој период, банката ќе ја прогласи сметката за неактивна. Доколку станува збор за штедење, бидејќи вообичаено депозитните сметки се на подолг рок, доколку граѓанинот не остварил комуникација со банката во период од 10 години, и таа сметка ќе добие статус на неактивна сметка – појаснува тој.

Величковски појаснува и дека кога банката ќе ја прогласи сметката за неактивна, таа не смее понатаму да наплатува никакви надоместоци од таа сметка, односно паричните средства се заштитени, а банката е должна да пресметува камата на позитивното салдо во согласност со договорот.

Поврзани содржини