ДАЛИ ТРАМП ЌЕ ПРИФАТИ НУЛА ЦАРИНСКА СТАПКА СО СВЕТОТ? Експерти тврдат дека светот ќе треба да плати цена за тоа

Администрацијата на Доналд Трамп има за цел да го намали трговскиот дефицит и јавниот долг, а дел од парите планира да ги обезбеди преку царинската политика. Доколку прифати бесцаринска трговија, Трамп ќе сака да му наплати на светот за тоа на друг начин, сметаат економските експерти.

884

Понудата од нула царинска стапка во трговската размена на светот со САД, нема да биде прифатена од американската администрација бидејќи тоа не е нејзина цел, велат експерти.

Според нив, администрацијата на Доналд Трамп има за цел да го намали трговскиот дефицит и јавниот долг, а дел од парите планира да ги обезбеди преку царинската политика. Доколку прифати бесцаринска трговија, според нив, Трамп ќе сака да му наплати на светот за тоа.






– Лично не верувам во сценариото за ослободување од царините, бидејќи е очигледно дека Трамп сака да ги зголеми приходите од царините и на тој начин да го намали трговскиот дефицит со светот, кој во САД се провлекува од Втората светска војна наваму кога доларот стана единствена валута во трговијата. Според тоа, барањата на државите за ослободување од царините во размената со САД не се реално остварливи. Трамп нема да ги прифати ваквите предлози, туку ќе бара да се прифатат неговите барања, со цел да го намали дефицитот и јавниот долг – вели професорот Зоран Ивановски.

Професорот Ванчо Узунов смета дека ако американскиот претседател Доналд Трамп прифати ослободување од царините ќе сака да наплати од светот на друг начин што повторно ќе биде на штета на слободната трговија.

– Тоа би било идеален случај на реализирање на слободната трговија, но Трамп бидејќи во моментов се коцка со светот и води политика на уцена, ако прифати бесцаринска трговија ќе сака да го наплати на некој начин тоа од светот. На пример, ќе бара од земјите да увезуваат повеќе стоки или услуги од САД што ќе влијае негативно на слободната трговија. А како? Некои од стоките кои ќе треба да ги увезе одредена земја од САД можат да имаат пониска цена кај друга земја извозник, а тоа значи дека се нарушуваат конкуренцијата и правилата на слободната трговија. Но да почекаме да видиме која од опциите на преговорите ќе надвладее. Дали ќе попуштат лидерите од другите земји во светот и ќе ја прифатат уцената на Трамп и ќеа му платат или истовремено ќе попуштат двете страни – вели Узунов.

Според него, во целата „коцкарска игра на уцени“ на Трамп губитници ќе бидат граѓаните како на САД кои гласаа за него, така и другите во светот кои со ништо не заслужиле да бидат дел од плановите на Трамп.

Узунов и Ивановски сметаат дека Македонија и ЕУ нема да успее да издејствува 0 царинска стапка, бидејќи за Трамп Македонија не е репрезентативен играч, а Европската унија ќе биде принудена, можеби да прифати некоја од уцените на Трамп.

– Македонија ќе се третира како и остатокот од светот, а Европската унија на крај ќе биде принудена да ја прифати понудата на Трамп за увозот на енергенси од САД со што ќе се намали разликата во трговската размена како што сака и американската администрацијата – вели Ивановски.

Според нив, не може да се предвиди што ќе се случува во трговската војна меѓу двете најголеми економии кинеската и американската бидејќи засега не се знае колку силни се чувствуваат двете економии.

Американскиот претседател веќе одговори дека не е доволен предлогот на Европската унија за целосно, реципрочно ослободување од царините за индустриски производи, вклучително и автомобили и даде предлог Унијата да увезе енергенси во вредност на трговскиот дефицит, кој според пресметките на американската администрација со ЕУ изнесуваат 350 милијарди долари.

Европската унија и нашите експерти сметаат дека Трамп не ги зема предвид вредностите на извозот на услуги и затоа трговскиот дефицит со ЕУ е далеку повисок според пресметките на САД. ЕУ тврди дека трговскиот дефицит со САД изнесува 210 милијарди долари.

– Од далеку се гледа дека Трамп воопшто не ги смета за извоз услугите кои САД ги извезуваат во другите земји, туку само она што директно влегува преку границите. Извозот на САД е многу поголем, ако се земат предвид услугите кои патем одат преку интернет, а не преку државните граници – коментира Узунов.

Дека Трамп нема намера да се откаже од царините, говори и неговата изјава дадена неколку часа пред да стапи во сила новиот пакет во обраќањето пред Националниот републикански конгресен комитет во кој наведе дека светските лидери коленичат и го молат да преговараат.

Притоа тој се пофали и со бројките дека со промената на царинската политика САД дневно заработуваат по 2 милијарди долари. Податоците за февруари на Министерството за финансии на САД покажуваат дека во буџетот се слеале 7,25 милијарди долари од царина. Утре ќе се знаат и податоците за март.

Според портпаролката на Белата куќа, дури 70 земји изразиле желба за договор околу царинските стапки.

Засега Кина уште не одлучила да преговара. На оваа светска економска сила  Трамп ѝодреди царинска стапка од 104%.

– САД продолжуваат да ги злоупотребуваат царините за да вршат притисок врз Кина. Кина одлучно се спротивставува на тоа и никогаш нема да го прифати овој облик на насилничко однесување – изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан.

Тој додаде дека ако САД навистина сакаат да ги решат проблемите преку дијалог и преговори, треба да заземат „став на еднаквост, почитување и взаемна корист“.

– Кина ќе продолжи да презема решителни и ефективни мерки за заштита на своите права и интереси – рече Лин.

Останува да се види како ќе заврши оваа војна на САД со светот, која експертите ја сметаат за војна без крв, но со огромни последици врз светскиот економски поредок.

 

Рецесијата можеби тропа на врата, што да се прави?

Поврзани содржини