ДАЛИ СМЕ ПРЕД НОВ КОЛАПС ВО ЈАВНИОТ СООБРАЌАЈ? Арсовска негира дека има долг од 140 милиони денари кон приватните превозници
Зошто континуирано се штети на целиот процес и се што е во Градот Скопје само заради политички пресметки. Јас колку што знам такви долгови нема. 140 милиони денари се премногу пари. Тие информации треба да се проверат со ЈСП. Градот Скопје нема никаков финансиски односи со приватните превозници, рече Арсовска.
Градоначалничката Данела Арсовска во гостувањето во Студио 10 на ТВ24 тврди дека нема долг од 140 милиони денари како што велат приватните превозници, а ваквата нивна одлука е само на штета на граѓаните.
– Непознат извор, кажал возач…Кој ќе ја надомести штетата на граѓаните? Зошто континуирано се штети на целиот процес и се што е во Градот Скопје само заради политички пресметки. Јас колку што знам такви долгови нема. 140 милиони денари се премногу пари. Тие информации треба да се проверат со ЈСП. Градот Скопје нема никаков финансиски односи со приватните превозници – рече Арсовска.
Градоначалничката е децидна дека нема застој во приватниот превоз.
– Јавниот превоз функционира нормално – додаде Арсовска.
Инаку Град Скопје се соочува со нов колапс на градскиот превоз откако автобусите на приватните за денеска најавија дека ќе возат само од 5 часот наутро до 10 часот, а потоа ќе се повлечат.
Ваква одлука донесоа приватниците, како што велат тие, поради неисплатените обврски кои ги има ЈСП према нив. Тие тврдат дека не добиле пари од декември, а долгот изнесува 140 милиони денари.
Засега не се најавени блокади на сообраќајниците во Скопје како што протестираа минатата година. Ова не е прв пат приватниците да протестираат поради неисплатени долгови.
Скопјани речиси две години се жалат од јавниот превоз, бидејќи автобусите се нередовни, а кога доаѓаат се преполни со патници. Приватните превозници штрајкуваа половина година, од декември 2022 до мај лани поради долг од еден и пол милион евра.
Граѓаните се жалат и на распоредот на тргнувањето и автобуските линии кои не се ажурирани со години, и не е земено во предвид населувањето на нови жители во градот. Секојдневните корисници на автобускиот превоз велат дека секојдневно има прескокнување на саатниците за тргнување.
Освен тоа, реагираат дека редовно, секој месец си плаќаат услуга која не ја добиваат, а и покрај имањето на билет за возење честопати мора да одвојат значителна сума на пари за такси превоз за да сигнат на местото каде што тргнале.