ДАЛИ СДСМ ПЛАНИРА ДА ГИ БОЈКОТИРА СЛЕДНИТЕ ИЗБОРИ? Движењето ЗНАМ апелира членството на СДСМ да се спротивстави на калкулациите на раководството

Наместо конструктивност и политичка зрелост во време кога е неопходен широк консензус се прават обиди за блокади, калкулации и партиски игри на штета на граѓаните, велат од Движењето ЗНАМ.

8

Дали следниот чекор на СДСМ е напуштање на законодавниот дом, со крајна цел бојкот на следните Парламентарни избори, прашува Движењето ЗНАМ.

Во изминативе денови сведоци сме на уцени и на еден длабоко неодговорен и деструктивен однос од страна на СДСМ и Венко Филипче, особено во контекст на измените на Законот за Влада. Со овие измени јасно е предвидено дека техничката влада ќе важи за следните парламентарни избори, а потоа ќе биде укината како модел во иднина. Ваквиот модел одамна ја има исполнето својата примарна цел и не постои како стандард во ниедна современа европска демократија и држава. Сите тврдења дека техничката влада се укинува веднаш, како и дека ова решение е донесено без консултации со политичките партии, се обична лага и претставуваат обид за манипулација со јавноста – рече на денешната прес-конвефренција портпаролот на Движењето Никола Мемов.

Според него, наместо конструктивност и политичка зрелост во време кога е неопходен широк консензус се прават обиди за блокади, калкулации и партиски игри на штета на граѓаните.

-Последниот потег, заканата за повлекување од работната група за новиот Изборен законик, е само кулминација на ваквиот пристап -рече тој.

Мемов упати повеќе прашања до СДСМ.

– Дали сме сведоци на подготовка за сценарио за целосна блокада на работата на работната група за Изборниот законик? Дали следниот чекор е напуштање на законодавниот дом од страна на пратениците на СДСМ, со крајна цел бојкот на следните парламентарни избори? Дали вистинската причина е стравот од соочување со граѓаните и од извесен, катастрофален изборен пораз, по кој, како следен чекор по таков катастрофален резултат, ќе следува и потребата од оставка на Филипче од челната позиција на СДСМ?- праша тој.

Мемов праша и дали станува збор за однапред смислено сценарио за зачувување на личните позиции на актуелното раководство на СДСМ предводено од Филипче и нивните интереси.

–  Дали од лукративни причини се турка политика на конфронтација, со новинари, со видни членови на СДСМ, истакнати поединци, па дури и со градоначалници и пратеници од нивните редови? Дали намерно се изолира партијата од клучните процеси во државата?- праша тој

Според Движењето ЗНАМ, државата не смее да биде заложник на ничии политички калкулации.

-Ова е момент кога сите заедно мора да ја издигнеме демократската свест, да ја зацврстиме одговорноста и да покажеме дека знаеме да носиме одлуки во интерес на државата. Македонија заслужува стабилност, достоинство и напредок, и ние ќе продолжиме да работиме токму за таква иднина – рече Мемов.

Тој ги повик до членовите и симпатизерите на СДСМ да бидат внимателни и да не дозволуваат да бидат вовлечени во сценарија што водат кон изолација, кон уништување на партијата, слабеење на институциите и оттргнување на државата од европскиот пат.

-Политиката мора да биде во служба на граѓаните, а не на лични агенди. Ова раководство на СДСМ ја доведе партијата до историски најнизок рејтинг, на ниво од едвај нешто над 5%, а со вакви непромислени и деструктивни сценарија ризикува целосно да ја маргинализира на политичката сцена – рече Мемов.

Тој исто така апелираше пратениците и градоначалниците од редовите на СДСМ да не дозволат бидат инструмент во стратегии што водат кон слабеење, изолирање и непостоење на партијата.

-Не прифаќајте политики што не се во интерес ниту на членството, ниту на граѓаните.Целиот товар на ваквите политики ќе падне врз Вас, додека двоецот Заев-Филипче ќе останат изолирани од политичките последици и ќе продолжат да делуваат без отчет пред јавноста, уживајќи во моќта на златните визи, забави и крстарејќи на луксузни јахти – им порача Мемов.

Поврзани содржини