ДАЛИ ОДМАЗДАТА Е КОНЕЧНА? Мал роман на Челиковиќ што отвора големи морални дилеми

Книгата на Челиковиќ, напишана на само 150 страници се чита за една вечер, а отвора длабоки дилеми кои со денови можат да ја грицкаат совеста на читателот за тоа што е правилно и како да се одржи вистинскиот курс во животот, а и кога ќе се скршне – што тогаш?

220

Соочувањето со темната страна на нашето модерно општество и на нашата личност е тешка тема со која се зафаќа писателот Ивица Челиковиќ во својот последен роман „Ден за одмазда“ (Паблишер, 2021).

Дното на животот се прекршува во ликот на Илија Гавровски-Ѕидарот, кој непромислено запаѓа во ситуација да се задолжи сакајќи да помогне некому. Но бидејќи не може да ги врати парите, почнува да тоне во сѐ пониско и пониско ниво од спиралата која го влече кон дното.






Раскажувачот, главно во прво лице, ни ги доловува неговите доживувања од детството, младоста, но и од последните години од неговиот живот. Дејството во романот се движи во извесен хронолошки редослед со мали скршнувања во времето, со цел да се објаснат одблизу мотивите и причините за постапките на Илија Ѕидарот. Во еден момент дејството забрзува како на филм а кога Ѕидарот ќе набави пиштол, романот веќе станува напнат и го воведува читателот во исчекување на вознемирувачки крај.

Како може една личност од примерен човек да стане криминалец и лик од подземјето? Ваква задача си поставил авторот додека го скицирал ликот на обичниот човек кого судбината ќе го лизне на погрешен пат. Има ли избор? Што ако одлучел поинаку? Ваквите прашања, пак, претставуваат загатки за читателот кој додека ја чита приказната за наивниот Илија, сакајќи или не, се преиспитува себеси.

Немоќта кај Илија раѓа фрустрација и жед за одмазда. Затоа тој, откако ќе одлежи затвор за проневера на службени пари, повторно се здружува со пријателот, криминалецот Дане, чекајќи згодна прилика за одмазда. Каква-таква.

На крајот Ѕидарот, очекувано, се идентификува со своите негативни постапки, кои го совладуваат во духот и решава самиот да си пресуди. Но, дури откако ќе се одмазди или барем така верува, дека се одмаздил. Запаѓајќи во безизлез, осамен, оставен, неразбран, Ѕидарот за себе гледа единствен чесен излез во смртта.

Но романот не завршува со заминувањето на главниот лик од сцената на животот. Книгата на Челиковиќ, напишана на само 150 страници се чита за една вечер, а отвора длабоки дилеми кои со денови можат да ја грицкаат совеста на читателот за тоа што е правилно и како да се одржи вистинскиот курс во животот, а и кога ќе се скршне – што тогаш?

Дали одмаздата е конечно задоволување на правдата или жедта за реванш треба да се препушти во рацете на судбината е мисла со која останува читателот кога ќе ја затвори задната корица од книгата „Ден за одмазда“.

Поврзани содржини