ДАЛИ НА ВИСАР ГАНИУ МУ СЕ ЗАКАНУВА КРИВИЧНА? За дивоградбите никој нема да биде заштитен, категоричен е Мицкоски
Нашата цел како Влада, прва точка на спојување е борбата токму против тоа, против потенцијалната корупција. Секој којшто има различна амбиција не може да биде мој соработник – рече Мицкоски.
Премиерот, Христијан Мицкоски, во емисијата „Само интервју“, синоќа на телевизија Канал 5, прашан за дивоградбите, посочи дека Владата води принципиелна политика и дека тоа граѓаните го препознаваат. Тој порача дека кога станува збор за прекршување на законот, никој нема да биде заштитен.
– Прво, ние како држава не постапуваме во тие случаи. МВР може врз основа на пријава и барање на ОЈО да дејствува и тоа го прави. Кога добива од страна на ОЈО барање, пријава итн., тогаш постапува. Јас колку што знам не е само во Чаир. Колку што знам МВР постапило или ќе постапува и во други општини врз основа на пријави – вели премиерот.
Мицкоски истакна дека граѓаните добро ја препознаваат принципиелната политика на Владата, а секој оној кој се огрешил пред законот нема да биде заштитен.
– Ние водиме принципиелна политика, и тоа го препознаваат граѓаните. И никој нема да биде заштитен, и тоа сум го кажувал многу пати до сега. Кој и да е, што и да е, доколку сторил кривично дело. И тука нема дилема. Нашата цел како Влада, прва точка на спојување е борбата токму против тоа, против потенцијалната корупција. Секој којшто има различна амбиција не може да биде мој соработник – рече Мицкоски.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција достави кривична пријава против градоначалникот на Чаир Висар Ганиу и уште неколкумина вработени во Општината во која наведува дека во општината наводно се користи фалсификувана деловодна книга во која се воделе барањата за легализации на дивоградби.