ДАЛИ НА СВЕТОТ МУ СЕ ЗАКАНУВА НОВА ГЛОБАЛНА РЕЦЕСИЈА? Сигнали што не смее да се игнорираат

Во околности кои економистите ги означуваат како ризик од рецесија, за Македонија е најважно е да се заштитат буџетските баланси – државни и лични – бидејќи треба да се подготвуваме и за најлошото. Секогаш е битно да не си ги пружаме нозете подолго од чергата, а посебно во години кога станува неизвесно колкава ќе биде таа.

1,245

Во првата недела од ноември, шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, го сврти вниманието на јавноста со изјава дека светската економија, иако сè уште расте, се движи под потенцијалот и дека ризиците се повисоки отколку што многумина мислеа. Таа предупреди дека не е време за опуштање и дека следува период на ранливост.

Што е причината за ова внимателно, но доволно јасно предупредување? Дали забавува глобалната економија? Дали ни се заканува опасност од нова рецесија?






Моторот работи, ама едвај – ако заглави, ќе имаме криза

Нема дилеми дека темни облаци се надвиснати над поголем дел од глобалната економија, а индикаторите кои укажуваат на забавување и ризици сериозно треба да ги следат и македонските експерти,  бидејќи ниту една економиите не „работи“ во изолација.

Во моментов, се проценува дека  светскиот бруто домашен производ (БДП) во 2025 година ќе забележи раст од околу 3% – тоа сè уште значи раст, но многу побавен од времињата на силниот оптимизам. Што би се рекло, моторот работи, ама едвај. Ако моторот заглави — тогаш ќе имаме реална криза.

ММФ во октомврискиот извештај предвидува глобален раст од околу 3,2% во 2025 и 3,1% во 2026 година. Проценките на ОЕЦД, клубот на развиени економии, се блиску до таа слика: глобалниот БДП се движи околу 2,9% до 3,2% во 2025–2026 година, со забавување во САД, Канада, Мексико и во Кина. Прогнозата на Светска банка е најпесимистична: 2,3% раст во 2025 и „слаба“ стабилизација понатаму – што таа го нарекува „рецесиски пат“, ако трговските тензии продолжат.

Како и да е, годините зад нас ни покажаа дека кога растот паѓа под 3-4%, а долговите и неизвесноста растат, ризикот од компликации е значително повишен. Па така, иако базично сценарио засега е во плус, маргината за грешка е мала.

Има податоци кои покажуваат дека глобалната трговија со стоки падна и покрај еднократниот „буст“ на увозот поради опремата за вештачка интелигенција. Тоа е сигнал дека домашната побарувачка, довербата кај бизнисот и инвестициската активност – слабеат.

Битни за анализа се и индексите кои ја мерат довербата на компаниите. Кога тие покажуваат слабост – тоа значи дека претприемачите не инвестираат, не вработуваат и не планираат експанзија. А тоа, во склоп со високи долгови и високи камати, создава многу обесхрабрувачки микс.

Кина, Европа и долгата сенка на трошоците

Се чини дека Кина и Европа би можеле да бидат слабите алки глобалната економија. Во Кина бизнисот со недвижности и градежниот сектор опаѓаат, потрошувачката е кревка, а тоа одекнува во Азија и во ланецот на снабдување. Во Европа, особено во Германија, индустријата веќе не забрзува, што е лоша вест и за Македонија, како регион кој извезува во оваа земја.

А тука е и проблемот со долгот. Државниот и корпоративниот долг се кренати до нивоа каде што секој поголем шок – финансиски или економски – може да предизвика дестабилизација.

Централните банки газат внимателно како на јајца. Со слабеење на инфлацијата, тие постепено добиваат простор за олабавување на монетарното менгеме. Тоа е битен амортизер против шоковите и токму тоа го нагласува ОЕЦД во последните извештаи. Но, што ако мора да се свртат назад и да ги заоструваат монетарните политики? Подготвени ли сме на таков пресврт?

Што значи сево ова за македонската економија?

Македонија не е изолиран остров во морето на глобалната економија. Некои велат дека кога Германија, а во поново време и Кина, ќе се накашлаат, Македонија веќе боледува од пневмонија.

Во случај на глобална криза, нашиот извоз ќе биде под притисок, особено ако Германија или Кина застанат. Финансирањето ќе поскапи, ако инвеститорите станат построги и ако бараат повисоки камати. Цените на суровините и енергијата можат да експлодираат ненадејно, што ќе влијае на сметките на домаќинствата и на фирмите.

Во вакви околности, најважно е да се заштитат буџетските баланси – државни и лични – бидејќи треба да се подготвуваме и за најлошото. Секогаш е битно да не си ги пружаме нозете подолго од чергата, а посебно во години кога станува неизвесно колкава ќе биде таа. Иако, за волја на вистината, секоја „рецесија“ “не мора да значи и „пад“ на економијата, туку период на значително забавување, кој не остава голем простор за грешки.

Во следните месеци, кога ќе го следиме пулсот на глобалната економија, ќе треба да ги гледаме не само растот на БДП и инфлацијата, туку и синусите: трговија, долгови, доверба, инвестициски потези. Ако тие синуси покажат пад, ќе треба да го вклучиме алармот.

Поврзани содржини