ДАЛИ КУРТИ Е ПОДОБАР ОД МУРТО? Клонирањето на Самоопределување од Косово во Македонија крие цела приказна
Македонски експерти тврдат дека косовскиот премир Албин Курти, со тоа што се определува формално дакоалицира со партии коишто се регистрирани во Македонија, испраќа лоша порака. Но, коалицијата на албански опозициски партии се надева дека Самоопределување на Курти ќе ѝ помогне во битката со ДУИ на Али Ахмети, нашиот Мурто кој веќе две децении е на власт.
Косовската политичка партија Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти може да учествува на парламентарните избори во Македонија во коалиција со Европскиот сојуз само ако е регистрирана како правно лице во Судски регистар и само доколку кандидатите за пратеници во македонското Собрание се државјани на Македонија.
Ова го тврдат уставните и политичките експерти со коишто разговаравме откако вчера, лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, најави дека косовската владејачка партија Самоопределување активно ќе се вклучи во изборите во земјава.
Ваквата одлука, според политичките аналитичари, бездруго испраќа многу лоша политичка порака која, помеѓу другото, може сериозно да ги загрози односите помеѓу Скопје и Приштина.
Исто така, експертите предупредуваат дека мешањето на странска политичка партија во македонски парламентарни избори е директна закана по територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија.
Лоша порака
Нашиот Устав забранува државјанин на друга држава да се кандидира на избори во Македонија, а уште помалку да биде назначен за пратеник во македонското Собрание, дури и да има двојно државјанство, вели за Плусинфо поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски.
А замислете како би изгледале работите доколку во македонското Собрание влезат пратеници кои се огромни симпатизери на косовската партија Самоопределување. Чија страна ќе заземе тој пратеник кога ќе дојде ред во Собранието да се расправа за односите Македонија-Косово?
– Ние немаме договор со Косово за двојно државјанство. Во случајов со косовската партија Самоопределување, која ќе учествува на изборите во Македонија, единствените коишто ќе можат да земат учество се македонски државјани кои се само симпатизери на партијата на косовскиот премиер Албин Курти и кои немаат право да гласаат на избори во Косово. Нашиот Устав е категоричен: тој што нема македонско државјанство не може да се кандидира за пратеник во Собранието – објаснува Петковски.
Според него, со ваквиот потег, албанските политички партии од опозицијата играат на картата – емоции, а како што додава, ова во секој случај не претставува добра порака за градење добри односи со Косово.
– Ако се сеќавате, албанските опозиционери во земјава неодамна го пречекаа косовскиот премиер Албин Курти во Тетово како да е нивни премиер. Тие му дадоа такво значење. А всушност, вистинското политичко влијание може да се остварува на повеќе начини. Лоша порака испраќа и премиерот на Косово со тоа што се определува формално да коалицира со партии коишто се регистрирани во Македонија. Со ваквиот потег, тој прикажува посебни чувства кон Македонија и смета дека земјава е составен дел од Косово. Тоа е во битието на Курти којшто не знае ни да го сокрие. Исто така, сметам дека ваквата коалиција не е добра ниту за албанските политички партии од опозицијата во Македонија. Тие почнуваат да се однесуваат како спортски клубови, па изнајмуваат и купуваат играчи од странство. Како и да е, ова не е добро во поглед на градење стабилни односи помеѓу Скопје и Приштина. А замислете како би изгледале работите доколку во македонското Собрание влезат пратеници кои се огромни симпатизери на косовската партија Самоопределување. Чија страна ќе заземе тој пратеник кога ќе дојде ред во Собранието да се расправа за односите Македонија-Косово? Во секој случај, ова е прв пример и ние досега не сме биле ставени во ситуација политичка партија од странство да учествува на парламентарни избори во Македонија. Но, ваков е стилот на Курти, бидејќи и самиот тој беше однесен во Косово од Албанија и беше поставен за премиер. Инаку, Албин е роден во Албанија и тој е албански државјанин – вели Петковски.
Ако политичката партија не е запишана во Судски регистар, таа практично не може да биде правно лице и не може да учествува во изборниот процес
На оваа тема Плусинфо разговараше и со професорот по уставно право Светомир Шкариќ кој ни потврди дека политичка партија од странство не може да се кандидира на избори во Македонија доколку не е регистрирана во Судски регистар.
– Политичките партии мора да бидат регистрирани, односно да бидат запишани во Судски регистар. Дури тогаш стануваат правно лице. Ако политичката партија не е запишана во Судски регистар, таа практично не може да биде правно лице и не може да учествува во изборниот процес – кратко ни одговори Шкариќ.
Според тоа што го кажува професорот, за да учествува на следните парламентарни избори во Македонија, косовската партија Самоопределување ќе мора да се клонира, односно да формира свој огранок во земјава кој би бил заведен во Судскиот регистар.
Опасно за Македонија
Уставните експерти треба да се произнесат во однос на тоа дали владејачка политичка партија од една држава може да учествува со свои листи за пратеници во друга држава, вели политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски.
– Веројатно станува збор за лица со двојно државјанство за да се запази законски предвидената формалност, но во однос на легитимитетот, етиката во политиката, но и политичките пораки во најмала рака е дискутабилно. Прво, бидејќи на тој начин се дозволува упад на политика на странска политичка партија. Второ, која би била поентата лица кои не живеат во Македонија да учествуваат во политичкиот живот кај нас? И трето, дали се дава до знаење дека етничко албанската опозиција кај нас е само „подружница“ на косовската власт? Тоа е многу опасно по територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, но со оглед на тоа какви сѐ преседани се случиле кај нас во овие три децении на независноста, не ме изненадува и ваквиот потег – вели Атанасоски.
Етничко албанската опозиција, додава тој, веројатно сака во предизборието да се налепи на успехот на косовскиот премиер Албин Курти и неговата популарност кај нас, односно меѓу етничките Албанци во Македонија.
Тоа е многу опасно по територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, но со оглед на тоа какви сѐ преседани се случиле кај нас во овие три децении на независноста, не ме изненадува и ваквиот потег
– Особено што косовскиот премиер е условно кажано директен противник на „вечниот“ етничко албански лидер во државата, односно на Али Ахмети. Сепак, тоа не е причина вие да ја користите неговата популарност за да го поразите својот политички опонент. Напротив, тоа треба да го сторите со политики на понуда за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Но тоа се случува во нормална парламентарна демократија и во нормална република. Ние сме етнотрибалистичка партитократија каде што повеќе од три децении на картата на етничкиот национализам се печалат политички поени и се добиваат избори – посочува Атанасоски.
На прашањето дали може да се случи пратенички столчиња во македонското Собрание да зафатат и пратеници од Косово, тој вели дека шансите за такво нешто се големи.
– Без разлика дали на претстојните парламентарни избори ќе победи или изгуби т.н етничко албанската опозиција, веројатно доколку имаат на своите листи пратеници со двојно државјанство, тие би станале дел од македонското Собрание. Но тоа е наша вина, односно вина на нашиот уставно-правен систем кој дозволува такви состојби. Само мало потсетување: поранешниот кандидат за претседател на државата Блерим Река потоа стана министер во Владата на соседно Косово. Сметам дека тоа треба да се уреди со закон што побрзо, за да не може да ни се случува наплив на вакви „кадри“ во македонската политика особено од меѓународно целосно непризнаена држава како Косово – објаснува Атанасоски.
Заедничка програма, канцеларија, кампања…
Лидерот на партијата Демократско движење, Изет Меџити, вчера пред споменикот „Скендербег“ во Скопје откри дека косовската партија Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти ќе биде четвртата политичка партија во коалицијата Европски сојуз.
– Од денеска Европскиот сојуз се состои од четири политички партии. Сега значи во овие четири е и Самоопределување, програмата ја работиме заедно, и нова канцеларија заедничка, и кампањата ќе биде заедничка, и ќе бидат дел парламентарните листи, значи ќе има членови и претставници од Самоопределување – изјави Меџити.
Во коалицијата влегуваат партиите Алтернатива, Беса, Демократско Движење и Самоопределување од Косово. Со косовската политичка партија Самоопределување ќе се води заедничка кампања и ќе има заеднички изборни листи.
Меџити, исто како и неговите коалициски партнери Африм Гаши и Билал Касами најави дека пратениците од коалицијата Собранието ќе протестираат ако албанската опозиција не добие член во Државната изборна комисија (ДИК).
Меџити смета дека избори со сегашната шестчлена изборна комисијата ќе бидат нелегитимни.
– Се соочуваме со тенденција за фалсификат на изборите подготвена од господинот Талат Џафери – изјави Меџити.