ДАЛИ И МАГАРЕТО НА МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ВОЗИ ВО АВТОБУС НА ЈСП? Советниците во Град Скопје не се усогласија, иницијативата пропадна
Кој е тој што ќе определи што е домашен миленик? Во продавниците се продаваат змии, гуштери, папагали, се и сешто, не се само мачиња и кучиња домашни миленици. Дали ќе може и кане корсо да се вози или само мали кучиња, тогаш тие со големи кучиња се дискриминирани, рече Ангеловски.
Имам пријател кој чува прле и за него тоа е домашен миленик, не е потешко од 15 килограми, па тој прашува дали ќе може ли со магаренцето во автобус? За да не влегуваме во дискриминација на самата група предлагам поширока јавна расправа и на сите луѓе треба да им најдеме начин да користат јавен превоз, рече Страшо Ангеловски, советник од ВМРО-ДПМНЕ, за време на дискусијата на седница на Град Скопје околу можноста во автобусите на ЈСП да се превезуваат домашни миленици.
Покрај укажувањата за капацитетите и гужвите во автобусите, Ангеловски посочи дека стравува оти во обидот да не се врши дискриминација на луѓето кои со милениците не можат да користат јавен превоз, ќе се создаде нова дискриминација меѓу самите сопственици на миленици, затоа што во автобус ќе можат да се превезуваат само мали животни.
– Кој е тој што ќе определи што е домашен миленик? Во продавниците се продаваат змии, гуштери, папагали, сѐ и сешто, не се само мачиња и кучиња домашни миленици. Дали ќе може и кане корсо да се вози или само мали кучиња? Ако не, тогаш тие со големи кучиња се дискриминирани – рече Ангеловски.
Советничката од Зелен хуман град, Драгана Велковска, истакна дека на ваков начин се банализираат работите, дека законот определува што е домашен миленик и во него се наведени и обврските на сопствениците и начините како тоа милениче треба да биде чувано, како што е исто така законски дефинирано со колкав раст милениче може да биде пренесувано во транспортер. Во однос на прлето, таа истакна дека не е домашен миленик затоа што не може да се чува дома.
По дискусиите мнозинството советници не ја прифатија иницијативата, со што домашни миленици нема да може да се возат во автобусите од јавниот превоз.