ДАЛИ ЕВРАТА ДА СЕ ПРЕФРЛААТ ВО ДОЛАРИ? Ако не сте махери, засега не пипајте ништо!

Ако некој сака шпекулативно да се однесува и да заработува од курсната разлика меѓу овие две валути, може да ги смени заштедите од евра во долари и по промената на курсот да се врати на евра, но тоа е голем ризик и може да донесе загуба за граѓанинот.

1,925

Вредноста на еврото во однос на американската валута во изминатиот период постојано паѓа. Доларот само пред неколку дена порасна во однос на еврото за 3,2 отсто и го достигна највисокот ниво во последните 20 години.

Многу големи играчи ги искористија овие промени на девизниот пазар за да профитираат од курсната разлика, а граѓаните се прашуваат што е попаметно и поисплатливо за нив – да ги задржат заштедите во евра и во денари, или да ги претворат во долари.






– Имам заштеда во евра и се прашувам дали е веќе подобро да се штеди во долари, бидејќи од почетокот на војната во Украина доларот цело време има поголема вредност од еврото. Но, мојата дилема е колку оваа состојба ќе се задржи и колку пари ќе изгубам ако навреме не ги вратам заштедите во евра – вели граѓанин кој е во дилема што да прави.

Народната банка соопшти дека е сочувана довербата на граѓаните во стабилноста и сигурноста на работењето на банките, како и во безбедноста на нивните штедни влогови, така што зголемените глобални геополитички ризици не го прекинаа трендот на зголемување на вкупните заштеди на населението во банките, што е евидентирано долги години. Според НБРМ, заштедите на граѓаните имаат највисоко учество досега од околу 66 отсто вкупната депозитна база на банките и историски наназад бележат постојан раст со различна динамика.

Вкупниот износ на депозитите на населението во септември годинава изнесува 317 милијарди денари или 5,14 милијарди евра. Тоа, изразено во проценти, претставува пораст од 5,41 отсто споредено со истиот период лани. Според податоците на Народна банка и во септември е забележан раст на заштедите на домаќинствата и компаниите од 0,9 отсто. Во овој месец регистриран е поголем пораст на заштедите кај домаќинствата, кои повеќе штеделе во странска валута отколку во денари.

Шпекулациите оставете им ги на махерите

Економисти велат дека граѓаните кои имаат заштеда од неколку илјади евра не треба да брзаат да ги префрлаат своите заштеди од евра во други валути, бидејќи ваквата инвестиција е ризична, поради флуктуирачкиот сооднос  меѓу еврото и доларот. Ескепртите велат дека од ваквите промени на односот на еврото и доларот можат да заработат само луѓето кои професионално се занимаваат со трансакции на девизните пазари, но не и граѓаните.

– Се разбира, ако некој сака шпекулативно да се однесува и да заработува од курсната разлика меѓу овие две валути, може да ги смени заштедите од евра во долари и по промената на курсот да се врати на евра, но тоа е голем ризик и може да донесе загуба за граѓанинот. Сепак тие што не сакаат вака да се однесуваат подобро е да ги остават заштедите во евра или денари, ако ги чуваат во денари, бидејќи Народна банка го задржува стабилниот курс на денарот во однос на еврото, а девизните резерви се стабилни. Оваа состојба на пораст на вредноста на доларот е со краток рок и е резултат на поригорозната политика на американската централна банка, преку зголемување на каматните стапки во борбата со инфлацијата, во однос на европската централна банка која има поблаг раст на каматните стапки со цел да се овозможи раст на економијата. Но и на САД на подолг рок не им одговара многу појак долар од еврото, бидејќи е трговска валута. Веќе следната година работите ќе станат појасни – вели економистот Маријанчо Николовски.

Според него најстабилна валута за штедење и натаму е швајцарскиот франк.

– Но, да се штеди кај нас во швајцарски франци е потешко, бидејќи банките не го прифаќаат, а кај нас штедењето во долари и франци не е толку популарно. Некои од банките дури имаат и посебни такси за штедење во франци и го отежнуваат штедењето. Според тоа, штедењето во денари или евра во моментов е сигурно за сите што имаат пари и кои сакаат да ги чуваат во банка – вели Николов.

Кој увезува во долари, а извезува во евра – тешко него!

За разлика од граѓаните, додава тој, за компаниите моменталната состојба на соодносот евро – долар е најповолна за компаниите кои извезуваат во долари, а купуваат во евра.

– Многу потешко им е на компаниите кои извезуваат во евра, а увезуваат репроматеријали во долари – објаснува тој.

Од Народната банка велат дека најдобра и најисплатлива опција за граѓаните е да штедат во денари, бидејќи каматните стапки за денарските депозити се повисоки во однос на девизните, додека курсот на денарот е фиксен и врзан за еврото што го гарантира Народната банка, а граѓаните не се изложуваат на дополнителни трошоци за конверзија.

-Во изминатите две и пол децении Народната банка успешно ја одржа стабилноста на денарот и покрај неколкуте големи глобални и домашни кризи, што доволно зборува за капацитетот на нашата централна банка. Исто така, инструментите со кои располага Народната банка се гаранција за стабилноста на денарот. Нивото на девизни резерви е високо, двојно повисоко во однос на периодот 2008-2009 година, како и повисоко од претпандемиското ниво, а нивната адекватност е потврдена и од низа релевантни меѓународни институции. Дополнителна гаранција за стабилноста во тековните услови на неизвесност е ликвидност која ни е ставена на располагање од страна на Европската централна банка преку репо-линијата од 400 милиони евра. Народната банка донесе и мерки во однос на задолжителната резерва со кои се намалува задолжителната резерва во денари, а се зголемува во странска валута, со што се остава простор за банките да понудат поповолни каматни стапки за денарските депозити. Ефекти од оваа мерка веќе се видливи со раст на каматните стапки за денарски депозити и за корпоративниот и за секторот домаќинства – велат од НБ.

И директорка на Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација при Народната банка, Евица Делова-Јолевска, вели дека најстабилна валута за штедење е денарот.

–  Држењето средства во странски валути е нерационална одлука и прави неоснована штета, бидејќи граѓаните плаќаат повисока цена и за промената на валутите и губат принос, со оглед на тоа дека каматните стапки на девизните заштеди се пониски – вели Делова-Јолевска.

Само немојте парите под перница

Според неа, најдобро е парите да се чуваат во банка.

– Чувањето пари дома воопшто не е препорачливо, бидејќи се подложни на висок ризик од кражба и други несакани ситуации, наспроти нивната сигурност во банките и штедилниците, но и дека чувајќи пари дома, граѓаните губат средства врз основа на камата – вели Делова-Јолевска.

Поради ниските каматни стапки, штедењето не беше многу исплатливо во последните години, па граѓаните кои имаат вишок пари најмногу инвестираа во недвижности. Оние кои имаа помали суми очигледно ја задржаа довербата во банките, со оглед на тоа што заштедите во банките растеа и со ниски каматни стапки.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити во септември изнесува 0,70 отсто и на годишно има пад од 0,08 отсто.

Поврзани содржини