ДАЛИ ЕУ ТРГНУВА ПО СТАПКИТЕ НА ТРАМП? Се заострува политиката кон мигрантите

Во новата стратегија за следните пет години посилен фокус се става на враќање на мигрантите, зајакнати гранични контроли и проширени овластувања за агенциите на ЕУ.

266

Со новата петгодишна Стратегија за азил и миграција, што треба да биде официјално објавена следниот месец, Европската комисија планира да заземе построг однос кон миграција, ставајќи посилен фокус на враќање на мигрантите, зајакнати гранични контроли и проширени овластувања за агенциите на ЕУ.

Во работната верзија на Стратегијата, во која увид имал „Еурактив“, се предвидува зајакнување на партнерствата со трети земји по должината на клучните миграциски рути и систематска употреба на стимулации и поволност, вклучувајќи пристап до визи, трговски преференции и финансирање од ЕУ, за да се обезбеди зајакната соработка во управувањето со границите, враќањето и реадмисијата, вклучително и преку дигитализација на граничните процедури и зголемена употреба на нови технологии, како вештачката интелигенција, за проверки на идентитетот, анализа на податоци и надзор.






Во документот се посочени шест приоритети и тоа засилена миграциска дипломатија, зајакнати граници на ЕУ, примена на фер, цврст и прилагодлив систем за азил и миграција, враќање и реадмисија на мигрантите, законски начини и мобилизација на работната сила и стратешко користење на финансиските ресурси во комбинација со подобрена оперативна поддршка.

Во Стратегијата се наведува дека по евалуацијата на работата на Агенцијата на ЕУ за азил, што треба да биде спроведена во 2026 година, би можела да следува „измена на регулативата за нејзино основање“, односно проширување на нејзината улога и надлежности. Дополнително, поголеми огласувања се очекуваат и за Фронтекс и Европол.

Стратегија за азил и миграција, првично беше предвидено да биде објавена во текот на овој месец заедно со Стратегија за визи на ЕУ, но нивната промоција сега е одложена за февруари.

Стратегија за азил и миграција се надоврзува реформите на постојната рамка за азил и миграција на ЕУ, со кои се воспоставуваат нови правила, како што е концептот на „центри за враќање“ за сместување на одбиените баратели на азил и заострени процедури за обработка на апликациите за азил.

Во тој контекст Европската комисија лани предложи нов закон за враќање на мигрантите, по кој земјите членки се усогласија во текот на минатиот месец во рамките на Советот на ЕУ, додека преговорите за усогласување во рамките на Европскиот парламент се во тек. По ова ќе следат преговори меѓу Советот на ЕУ и ЕП за усогласување на конечната верзија на законот.

Поврзани содржини