ДАЛИ ДУИ САМА СИ КОПА ПОЛИТИЧКИ ГРОБ? Бојкотот на локалните избори ќе ја збрише партијата од политичката сцена
Наместо да влезе во изборна битка со новите опозициски албански партии, ДУИ поставува услови кои можат да доведат до бојкот на локалните избори. Прашањето е дали ДУИ навистина верува дека ќе добие отстапки за Балансерот, Бадентерот и за Законот за јазиците или, пак, само создава изговор за да го избегне изборниот тест? Одговорот ќе стане појасен во наредните месеци, но едно е сигурно – политичката сцена во албанскиот блок е далеку подинамична отколку што беше во изминатите две децении.
Најголемата албанска опозициска партија во Македонија, Демократската унија за интеграција (ДУИ), веќе на големо почна да поставува ултиматуми пред претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври годинава.
Преку јавни изјави и политички пораки, ДУИ испраќа јасен сигнал – без враќање на Балансерот, Бадентерот и без гаранција за Законот за јазиците, нема да има нормален изборен процес.
Дали овие условувања се навистина одраз на загриженост за правата на Албанците или се дел од поширока стратегија за избегнување на очигледен изборен пораз?
Проблемот, како што го претставуваат од ДУИ, е дека без овие механизми, Албанците ќе бидат „деградирани“ и нивниот политички легитимитет ќе биде намален.
Бујар Османи остро предупреди дека ваквата ситуација може да доведе до „длабока политичка криза“ и дека неговата партија нема да дозволи процесите да продолжат како ништо да не се случило.
Од друга страна, пак, коалицијата Вреди забележува дека по повеќе од 20 години доминација во албанскиот политички блок, партијата на Али Ахмети сега е соочена со најголемиот политички предизвик – растечко незадоволство меѓу Албанците и засилена конкуренција од нови политички субјекти.
Политички маневар или реална закана?
ДУИ се позиционира како заштитник на албанските права, но времето во кое ги испраќа овие пораки не е случајно.
Бујар Османи истакна дека не може да има избори без да се врати Балансерот, механизмот кој се користеше за вработувања во јавниот сектор според етничка застапеност, како и без Бадентеровиот принцип за гласање на важни закони.
Тој нагласи дека Законот за јазиците е „човечка, национална и морална обврска“ кон оние кои „ги дале своите животи“ за албанскиот јазик.
Претходно и лидерот на ДУИ Али Ахмети испрати директна закана дека голема е можноста на локалните избори во октомври да не може да се постават ни гласачки кутии.
– Ако го допрат Законот за јазици нема да има локални избори, нема да може да се постават гласачки кутии. Законот не е на ДУИ. Законот е и на оние кои ќе се родат додека изгрее сонцето. Затоа секој Албанец мора да стане господар на правото нa јазикот, ниту да го политизира ниту да го проблематизира – изјави Ахмети.
Ахмети од Липково ја повика коалицијата Вреди да ја напушти Владата и заедно со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори.
Ваквите тврдења се доволно силни за да создадат политичка тензија, но дали зад нив стои искрена намера или едноставно се користат како тактика за создавање алиби за евентуален бојкот?
Од Вреди велат дека ДУИ на ваков начин подготвува бегство од избори. Според нив, партијата на Ахмети го загубила кредибилитетот и сега, преку уцени и преку политички манипулации, сака да создаде наратив во кој својот пораз ќе го прикаже како резултат на „нефер услови“, а не на реалната волја на гласачите.
– Неодговорните најави на ДУИ за бојкот на локалните избори им покажаа уште еднаш дека се целосно изолирани. Тоа што не се снаоѓаат во опозиција не може да го претворат во државен проблем. Али Ахмети е очаен за политичко внимание. Бара факторизација преку некаква средба со Вреди, за проблеми кои ни ги остави во наследство. Текстот на Законот за употреба на Албанскиот јазик е доставен до Венецијанската комисија токму од Бујар Османи. Нема никаква дилема дека зад сценариото за бојкот на локалните избори се крие стравот на ДУИ од пораз, па затоа измислуваат алиби во лажните обвинувања за наводна деалбанизација која симптоматично, според нив се случува само затоа што тие не се дел од Владата – коментираат од коалицијата Вреди.
ДУИ се преценува во моќта било што да организира на терен, додаваат оттаму.
– Прочитани се. Да имаа поддршка од албанскиот народ одамна ќе излезеа со протести, впрочем како што претходно најавуваа. Апелираме до здраворазумното членство на ДУИ да не влетува во егзибиционизмот на нивното корумпирано раководство. Без програмска и кадровска реформа, плус со бојкот и нереди на добар пат се цела партија да биде ставена на црна листа – велат од Вреди.
Политичко самоубиство
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски ја оценува ДУИ како партија во згаснување, слично како и СДСМ, посочувајќи дека нивните скандали со бегства на функционери сериозно ја разнишале довербата на граѓаните.
Ова се само празни муабети и во партијата се обидуваат да се претстават себеси во некое силно светло, а во суштина над нив се издигнати црни облаци.
Тој смета дека потенцијалниот бојкот на локалните избори само ќе ја ослабне партијата, оставајќи ја без претставници во локалните совети.
Според него, заканите на Али Ахмети дека ќе спречи избори се само празни зборови, бидејќи таков потег би значел директно кршење на Уставот и би водел кон сериозни санкции, вклучително и меѓународни последици.
– ДУИ, исто како и СДСМ, ја сметам за згасната политичка партија. Целиот нивен багаж со избегани пратеници, избегани вицепремиери, придонесе довербата кај граѓаните да се спушти на најниско можно ниво. Реалноста дека можат да ги бојкотираат локалните избори само ќе придонесе да немаат ниту еден свој застапник во локалните совети, а од друга страна, не се доволно силни за да ѝ наштетат на државата со своите потези. Ова се само празни муабети и во партијата се обидуваат да се претстават себеси во некое силно светло, а во суштина над нив се издигнати црни облаци – рече Пекевски.
Во однос на заканите од Али Ахмети дека нема да дозволи да се постават гласачки кутии на гласачките места за време на локалните избори, Пекевски смета дека лидерот на интегративците нема толкава сила за да стори такво нешто.
– Апсолутно не постои никаква шанса за да се реализираат плановите на Ахмети. Тоа ќе значи директно кршење на Уставот и на законите, а за тоа казните се превисоки. Исто така, на тој начин лидерот на ДУИ ризикува да биде ставен и на црната листа на Европа, така што, тоа се само празни зборови. Ако ДУИ одлучи да ги бојкотира локалните избори, тоа само ќе значи дека одлучиле да не егзистираат во политичкиот свет, бидејќи другите политички партии ќе го заземат нивниот простор. Тука е Алијанса за Албанците на Зијадин Села, која веднаш би ја напуштила коалицијата со ДУИ, како што тоа го стори ДПА на Мендух Тачи, и секако би прифатиле да излезат на избори наместо да бојкотираат. Сите партии кои некогаш бојкотирале и кои одлучиле да излезат од политичкиот свет, односно од Парламентот и од локалните совети, нивната моќ се довела на минимум и подоцна веќе било многу тешко да се вратат на стариот колосек. Нема да имаат поддршка ни од граѓаните, ни од меѓународниот фактор, а плус ќе бидат санкционирани од политичките субјекти во САД – објаснува Пекевски.
„ДУИ веќе не е фактор“
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не гледаат сериозност во повикот на ДУИ за условени избори.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека интегративците веќе немаат тежина во политичките процеси и дека нивните повици за бојкот се обид за одржување на влијанието што го губат.
– ДУИ може да повикува на што сака, меѓутоа оваа партија повеќе не е никаков фактор во оваа држава за да повикува на бојкот или на било што. Имаа можност повеќе од 20 години да направат многу работи за државата, но за жал не успеаја – кратко искоментира Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Сличен став има и СДСМ, од каде што порачуваат дека ДУИ треба да ја прифати својата нова улога како опозиција.
– Мора да се помират конечно дека се опозиција и да делуваат како опозициска партија, да даваат свои ставови на клучни прашања и, секако, кога ќе дојде соодветно време ќе има и парламентарни избори. Во моментот тие не се во состојба да поставуваат било какви услови – изјави Сања Лукаревска, пратеничка на СДСМ.