„ДАЛИ БРИТАНИЈА ЌЕ ПРАЌА МИГРАНТИ ВО МАКЕДОНИЈА“ Филипче итно бара одговор од министерот Муцунски
Филипче бара од Муцунски јавно да каже дали Владата преговара за мигрантски центар со Британија и обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ го блокира судството за политички интереси.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска го повика министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, најдоцна до утре да ја информира јавноста дали се разговара со Велика Британија за можноста за лоцирање на мигранти во Македонија.
Филипче ова го изјави коментирајќи го написот на Политико, во кој се наведува дека Британија е сè поблиску до договор за отворање центар за враќање мигранти во една земја од Западен Балкан.
– Министерот Тимчо Муцунски треба да каже дали разговара за тоа мигранти да се носат во нашата земја. Треба да каже има ли тоа некаква врска со тој пакет со заемот од седум милијарди евра? Условена ли е Владата за тие пари, да го направи тоа? – изјави Филипче.
Лидерот на СДСМ побара целосна транспарентност од Владата во врска со евентуалните разговори, предупредувајќи дека прашањето за мигрантски центар е исклучително чувствително за државата.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче ја обвини владата на ВМРО-ДПМНЕ дека свесно го блокира реформскиот процес во судството, со цел политички да влијае врз поставувањето на судии и обвинители.
– Наместо суштинска реформа на судството, граѓаните се сведоци на континуирани обиди за манипулации од страна на власта – рече тој, потсетувајќи дека реформите во правосудниот систем се јасно дефинирани во агендата подготвена од Владата на СДСМ, а потпишана од сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче посочи дека во таа реформска агенда има 12 закони кои се однесуваат на различни аспекти од судскиот систем — Закон за јавно обвинителство, Судски совет, плати на судии, движење на предмети и други.
– До јуни оваа година требаше да се донесат седум од тие закони, а до крајот на 2025 уште пет. До сега во Собранието не е поднесен ниту еден од нив. Тоа не го прави оваа власт – потенцираше Филипче.
Филипче ги отфрли обвинувањата што доаѓаат од власта како „спинови“ со цел одвлекување на вниманието од избегнувањето на вистински реформи во судството.
– Сите спинови, сите обвинувања за некаква блискост со судии се само изговор да не се направи вистинска реформа. Ако не се направат тие реформи, тоа остава простор, а видовме дека ВМРО-ДПМНЕ тоа го практикува — да се поставуваат свои судии и обвинители – изјави тој.
Како пример наведе дека во последните години биле именувани блиски лица на функционери од ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи сопруга на градоначалник и роднина на коалициски партнер.
– Јасно е што треба да се направи за да се реформира судскиот систем – порача лидерот на СДСМ.