📽 📷 📊 ДО КОГА АРСОВСКА ЌЕ ГИ „ВОЗИ“ СКОПЈАНИ ЗА БЕСПЛАТНИОТ ГРАДСКИ ПРЕВОЗ И ЗА НЕЈЗИНИТЕ 250 ЕКО-АВТОБУСИ? Ветувањата останаа пуста желба
Скопје има долга историја на идеи, концепти и проекти за трајно решение на јавниот градски превоз. Од идеите за трамвај и сонот за метро, до проектот БРТ на Шилегов, за кој беше затворена и финансиската конструкција, скопјани стасаа до ветувањето на актуелната градоначалничка Данела Арсовска за бесплатен јавен градски превоз и за набавка на 250 нови еколошки автобуси. Две години по дадените ветувања, ништо не се случува. Наместо отчетност за реализацијата, Арсовска настапува со - нови ветувања.
Ниту бесплатен јавен превоз и ниту еден нов автобус не добија скопјани за речиси две години, откако Данела Арсовска е градоначалничка на главниот град. Иако можеби токму овие ветувања беа причината тие да го дадат својот глас за неа и за нејзината програма „За модерно Скопје“.
Граѓаните лесно поверуваа дека Арсовска ќе воведе целосно бесплатен јавен градски превоз за сите, како и дека ќе набави 250 нови еколошки автобуси. Но сега, откако стана јасно дека нема никакви промени во јавниот градски превоз, освен на полошо, градоначалничката упорно бега да даде отчет како мисли да ги исполни дадените ветувања.
Славески: Арсовска нема претставено конкретна програмa како ќе ги реализира ветувањата
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, е втор човек во градската власт. Како претседател на „градскиот парламент“, тој сепак нема извршни овластувања во поглед на трошењето на буџетските пари на Град Скопје, кои изнесуваат околу 110 милиони евра на годишно ниво. Славески за Плусинфо вели дека ветувањето дадено од страна на градоначалничката Арсовска за бесплатен јавен превоз во Скопје, од денешна перспектива, изгледа целосно нереално, а тоа ѝ е јасно и на неа.
Славески објаснува дека единствен обид за набавка на одреден број нови автобуси до сега е барањето од страна на градоначалничката до Совет на град Скопје за согласност за домашно задолжување кај некоја од комерцијалните банки, во висина од 10 милиони евра, во денарска противвредност.
– Ова барање до сега било на дневен ред на пет седници на Советот и добива поддршка само од 6-7 советници, од вкупно 45. Минималниот број потребни гласови изнесува 23. На седницата на Совет на град Скопје, одржана на 14 септември оваа година, како претседател на Советот, откако врз основа на дискусиите на советниците од поголемите советнички групи дојдов до заклучок дека повторно нема поддршка за предлогот, ја заклучив расправата и го одложив гласањето до оној момент кога градоначалничката ќе ме увери дека има обезбедено доволно поддршка за предлог-одлуката за задолжување за набавка на еко-автобуси да биде изгласана со потребното мнозинство од минимум 23 гласа – вели претседателот на „градскиот парламент“.
Како што нагласува Славески, до сега, со буџетите за 2022 и 2023 година, усвоени од страна на овој состав на Совет на Град Скопје, како и во неколкуте ребаланси, нема назначено средства кои би биле насочени кон реализација на идејата за бесплатен јавен превоз во главниот град.
Арсовска сѐ уште уверува дека ќе ги реализира ветувањата
Градоначалничката не се откажува од ветувањата за воведување бесплатен јавен градски превоз и за набавката на 250 еко-автобуси.
– Пред советниците беше доставена одлуката со која требаше да почнат сукцесивно да се набавуваат 250 еко-автобуси. Апелирам, во интерес на граѓаните, советниците да ја изгласаат оваа одлука, зашто ова е нешто што не би требало да има политичка заднина – вели Арсовска.
Таа открива дека за реализација на овој проект веќе десетина пати пред советниците била доставена одлука, со која требало фамозните 250 автобуси да почнат сукцесивно да се набавуваат.

– За жал, кај градските советници свесноста не е на тоа ниво да можат да разберат дека за нашите граѓани е неопходно да имаат јавен превоз којшто ќе им помогне да стасаат до секоја можна локација, до секое населено место, сите да можат децата да си ги испратат на училиште и да стасаат до своите работни места на време. Ова е нешто што советниците треба да го направат во интерес на електоратот и на сите оние коишто ги избрале на изборите – убедува градоначалничката.
Но, што е со бесплатниот јавен превоз? Арсовска уверува дека тоа е проект што ќе се буџетира во 2024 година. Одлуката ќе биде ставена пред советниците кога ќе гласаат за буџетот во 2024 година.
– Најавувам дека од следниот буџет, веќе ќе го буџетираме бесплатниот јавен превоз за сите граѓани – вели Арсовска.
Едно ветување се покрива со друго. Дали овој пат Данела Арсовска ќе си додржи до зборот?
Што велат поранешните челници на Град Скопје?
Тројца поранешни „градски татковци“, или поточно, двајца градоначалници и еден градски архитект, имаат свои видувања за проблемите со градскиот превоз и за капацитетите на градоначалничката Арсовска да ги оствари своите програмски ветувања.
Поранешниот главен архитект на Град Скопје, Никола Велковски, смета дека јавниот градски превоз треба да се насочи кон промени според светските стандарди. Имено, во град со 500.000 до 1 милион жители, градскиот превоз се решава со трамвај, додека град со повеќе од 1 милион бара изградба на метро.
– Скопје веќе е град со скоро 1 милион жители, па според светските стандарди, треба да се размислува за метро. Колку и да звучи тоа нереално во овој момент. Суштината е во тоа јавниот превоз да биде покапацитетен и побрз од превозот со автомобил. Сведоци сме дека во светот, во центрите како Лондон, Париз и Минхен, на пример, има достоинствен јавен превоз и таму е нормално да не се користи автомобилот како основно превозно средство. Автобусите и трамваите имаат сопствени ленти по кои се движат и не зависат од другите, а со тоа се и побрзи во сообраќајот. Со еден збор, сето тоа го прави јавниот превоз квалитетен и евтин. Кај нас автобусот вози со брзина иста како и мојот автомобил, а со тоа не ми обезбедува побрзо движење низ градот и мотив да го користам. А да не зборуваме за тоа какви ни се автобусите, како е организиран градскиот превоз и слично – објаснува Велковски.
Што се однесува до идејата за бесплатен градски превоз и за набавка на 250 нови еко-автобуси, тој вели дека вакви капитални проекти се преголем залак за Град Скопје, бидејќи буџетот тоа не го дозволува. Потребна е поддршка од централната власт.
– Град Скопје и Владата мора да седнат и сериозно да поразговараат за јавниот градски превоз во метрополата. Јас мислам дека проектите за бесплатен јавен превоз и за набавката на 250 еко-автобуси се популистички, тие не се трајно решение. Главните линии за брз и квалитетен превоз што треба да се „покријат“ се од Ѓорче Петров до Лисиче и од Кисела Вода до Бутел. Треба да се размислува за решение согласно со светските стандарди – категоричен е Велковски.
Претходникот на Данела Арсовска, Петре Шилегов, немаше време да го реализира својот проект наречен БРТ (Bus Rapid Transit). Станува збор за сообраќајно решение кое требаше да придонесе за намалување на градските метежи, на чекањето на семафори и на загадувањето кое произлегува од згуснатиот автомобилски сообраќај. Идејата беше да се овозможи траса која ќе биде физички издвоена од останатите учесници во сообраќајот, со што и самиот транспорт на патниците ќе биде максимално ефикасен и побрз, овозможувајќи им да стигнат од едниот до другиот крај на Скопје за само 35 минути. Проектот на Шилегов во рамките на ЕБРД беше заведен како зелен проект што се финансира во рамките на мрежата на зелени градови. За БРТ се обезбеди и финансиска конструкција за околу 70 милиони евра, со што Шилегов на својата наследничка практично ѝ остави безмалку завршена работа.
Промотивното видео за овој проект истави впечаток е дека градската власт конечно е на вистинската „траса“ за решавање на проблемите на јавниот градски превоз. Еве како изгледаше системот БТР во проекциите на Шилегов:
Но, новата градска власт на чело со Данела Арсовска го отфрли овој проект, а тоа го вети и во предизборната кампања. За жал, тоа беше сторено без јасен план што и како понатаму.
Петре Шилегов ѝ замерува на Арсовска за тоа што многу лесно ги дала ветувањата на скопјани, а притоа не знаела како да ги реализира и немала детален план.
– Доколку многу лесно ги дадете ветувањата, а притоа не ги познавате ситуациите, ќе наидете на пречки. Јас за набавка на новите 33 автобуси немав поддршка од централната власт. За дневната функционалност на институциите кои се под Град Скопје, освен таа што е со закон е пропишана да ја има. А таква има и сегашната градоначалничка, ќе имаат и идните градоначалници, како што имале и моите претходници. Министерството за образование треба да определи сума за превоз на ученици и на студенти и тоа е тоа на кое може да се надевате. Парите што ги добива Град Скопје се исти како и претходнонема промена. Проблемот е во менаџирањето, во тоа како ги водите Градот и институциите кои се под ваша надлежност – вели Шилегов.
И поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, има зад себе еден неуспешен проект за трајно решавање на јавниот градски превоз во Скопје. Негова беше идејата за воведување трамвај во Скопје.
Се разбира, не станува збор за трамвај каков што Скопје имал до 1912 година. Всушност, во тие години Скопје имало повеќе општински трамваи, што се движеле со помош на коњска влеча, но по шини, од Камени мост (Таш ќуприја), до Ислахане (Идадија). И претходникот на наследникот на Костовски, Ристо Пенов и Коце Трајановски, се ложеа на идејата за воведување трамвај, но во проектот најдалеку стаса Костовски. Сепак, не доволно далеку за да го прифатат скопјани и централната власт, која требаше да издвои околу 150 милиони евра во она време (пред 2009 година).
Интересно е дека идејата за трамвај и проектот БРТ ги поврзува и едно друго решение, за кое исто така се зборуваше некаде пред 2019 година, кога се појави идејата на Шилегов. Станува збор за концептот ЛРТ (Light Rail Tram), лесен трамвајски систем кој нема да го споделува просторот со автобусите и со сите други возила низ булеварите. Но, се чинеше дека овој проект е премногу сложен, поради тоа што бара многу сериозна реорганизaција на вкупниот сообраќај, обезбедување дополнителни алтернативни правци, конструирање на објекти за привремени пешачки премини и за велосипеди, фазирање на сообраќајна сигнализација, решавање на проблемот на паркирање и слично.
Како и да е, тогаш се велеше дека системот ЛРТ фуннкционира во 450 градови, а системот БРТ требаше за прв пат да биде воведен на Балканот, со добра перспектива и практично обезбедена финансиска конструкција. Сите тие идеи, концепти и проекти по изборот на Данела Арсовска беза заменети со авантурата наречена „бесплатен јавен градски превоз“, без идеја кој и како ќе вози и кој ќе плаќа.
Трифун Костовски беневолентно вели дека не знае како Данела Арсовска ветила купување 250 еколошки автобуси, а искрено не знае и со што би ги купила. „Подобро е таа за по дома да си купи една убава кола, па потоа и мене да ми купи, доколку не знае како ќе го стори тоа“, се шегува Трифун и вели:
– Како е можно јавното сообраќајно претпријатие во денешно време да има недостиг од стотина возачи? Тоа е последица на лошото менаџирање, нешто што Арсовска не смее да го дозволи. Ако треба синдикатот ќе го викаш секој ден на кафе и ќе слушаш што имаат да ти кажат луѓето. Тие разбираат кога ќе им кажеш и кога ќе им направиш математика дека толку пари се на располагање, а со тоа ќе добиеш и поддршка од нив – додава Костовски.
Градоначалник нема професија, нема факултет, нема школа, туку треба твоето животно искуство да го имплементираш, она што се вика обврска и сервис кон граѓаните кои те избрале, вели Трифун Костовски.
„Градскиот парламент“ е во сериозна политичка криза
За да бидат проблемите уште пострашни, а ветувањата понереални, се погрижија и градските советници. Може слободно да се каже дека „градскиот парламент“ е во сериозна криза и дека во моментов, всушност, нема мнозинство што ги поддржува плановите на градоначалничката Данела Арсовска, какви и да се тие. Тоа ни го потврдува и Амар Мециновиќ, советник во Град Скопје од редовите на партијата Левица.
– Имаше обид за набавка на нови еко-автобуси, за да се зголемат капацитетите на ЈСП „Скопје“. Тоа беше еден од чекорите којшто ќе водеше до бесплатен јавен превоз. Ние го поддржавме. Еко-автобусите не се набавуваат затоа што двете најголеми партии во Советот го блокираат овој процес, а истото се случи и со репавањето на проблемите со приватните превозници – вели тој за Плусинфо .
Откако пропадна коалицијата на Арсовска со ВМРО-ДПМНЕ, седница за седница, поминува само тоа што заеднички го гласаат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, бидејќи ниедна друга советничка група нема доволно гласови.
– Ние на почетокот на мандатот гласавме заедно со ВМРО-ДПМНЕ и со Алијанса за Албанците и имавме мнозинство, кое траеше 5-6 месеци. Оттогаш, тоа што се гласа во Советот е она што заедно ќе го договорат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Овие две партии дефинитивно ја блокираат работата на ова тело – вели Мециновиќ.
Сега има нова ситуација, објаснува советникот од Левица. ЈСП „Скопје“, како загубар, за кој се издвојуваат 10 проценти од градскиот буџет, почнува да бара сѐ повеќе и повеќе субвенции од Град Скопје, додека услугите на самото претпријатие одат во надолна линија.
– Имаме автобуси кои не застануваат на станици, патниците ги оставаат без превоз и има многу други проблеми на кои се жалат граѓаните. Затоа ние го блокиравме последното субвенционирање на претпријатието, со кое за бараа средства за плати на вработените и за враќање на долг за претходно купените автобуси. Едноставно, никој не верува дека ќе се оствари ветениот бесплатен јавен превоз за сите граѓани, а ни набавката на 250 нови еко-автобуси. За тоа постојат многу причини. Централната власт нема слух за договорените работи за Град Скопје, а СДСМ со ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотираат проектите. Нашиот ентузијазам за оваа работа е опаднат, а и ништо не зависи од нас. Наше видување е дека Град Скопје не може самостојно да најде решение за проблемите со кои е оптоварено ова јавно претпријатие. Но, гледаме дека и самата градоначалничка не настапува продуктивно за да се сосздаде некаков систем за одржливост на ЈСП „Скопје“– објаснува Мециновиќ.
Координаторката на советничка група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, тврди дека на половина мандат на Скопје му се случува нова катастрофа поради неспособната локална власт.
– Најголемо ветување на изборите беше ветувањето за целосно бесплатен јавен градски превоз. По две години, бесплатен јавен градски превоз во Скопје, ветен од ВМРО-ДПМНЕ и од Арсовска, нема. Не е реализирано ниту ветувањето за 250 нови автобуси. Проектот за еколошки брз транспорт, БТР, е стопиран. Не само што нема бесплатен превоз, туку градскиот сообраќај и јавниот транспорт се во постојан хаос, а ЈСП „Скопје“ е пред колапс. На приватните превозници повторно со месеци им доцни исплатата. А за средношколците дотациите за бесплатен јавен превоз се стопроцентно исплатени – вели Јанчева.
Во светло на актуелните проблеми со кои се соочува постоечкиот јавен градски превоз, ветувањата на Данела Арсовска се чинат како далечна фотоморгана. А дали таа може да ги изненади сите и да направи пресврт ќе се види од нејзините проекции за градскиот буџет за 2024 година, со кој, како што ветува, ќе се буџетира и бесплатниот јавен градски превоз. Бидејќи, бесплатниот превоз, за разлика од бесплатните ветувања, некој сепак мора да го плати.
КАДЕ ИМА БЕСПЛАТЕН ГРАДСКИ ПРЕВОЗ ВО ЕВРОПА?
Нема многу градови во Европа каде што градскиот превоз е бесплатен. Ова се градовите во кои е остварен сонот на Данела Арсовска:
Луксембург
Луксембург е првата земја во светот каде што градскиот превоз стана бесплатен. Од март 2020 година таму не се наплаќа градскиот превоз, без разлика дали сте жител или турист.
Малта
Оваа мала европска земја воведе бесплатен јавен превоз од 1 октомври минатата година. Оваа одлука не е поради растечките цени на горивото или војната во Украина, туку станува збор за претходен план кој веќе е пресметан во буџетот, со цел да се намали зависноста од автомобили. За да користат бесплатен јавен превоз, граѓаните треба да поднесат барање за посебен билет, а тоа може да го направат и туристите.
Хаселт (Белгија) Градот Хаселт во Белгија уште во 1997 година вовел бесплатен јавен превоз. Тоа траело до 2013 година, кога иницијативата била прекината, бидејќи буџетот повеќе не можел да ја поддржи.
Талин (Естонија)
Во 2013 година естонскиот главен град Талин вовел бесплатен јавен превоз. Меѓутоа, бесплатниот превоз е спорна тема во оваа земја, бидејќи жителите се жалат дека има премалку линии. Градскиот превоз е бесплатен и во повеќето други естонски градови.
Данкерк (Франција)
Слична мерка има и во градот Данкерк во Франција. Градот вовел бесплатен јавен превоз во 2018 година, но една анкета покажала дека 50 отсто од жителите почесто користеле автобус во почетокот на иницијативата.
Со овој текст, Плусинфо.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.