ДАЛИ ЈАКИМОВСКИ БАРАЛ КОВАЧЕВСКИ ДА МУ ГИ ЗЕМЕ ГРАДОНАЧАЛНИЧКИТЕ ИНГЕРЕНЦИИ? Тони Јаревски зборува глупости, одговара Стевчо
Дали Стевчо Јакимовски барал од Димитар Ковачевски да му ги одземе ингеренциите, за сo одлука на влада да се бетонизира кај „Алумина“ за бизнис од 600 милиони авра?
Ова прашање на прес-конференција го постави Тони Јаревски, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ?
„Дали Стевчо Јакимовски побарал од Ковачевски да се прескокне Советот на општина Карпош и волјата на карпошани, само за да им успее бизнисот од 600 милиони евра? Димитар Ковачевски да каже дали на средбата со Стевчо Јакимовски дал ветување дека ќе му ги одземе ингеренциите и ќе продолжи со планот за изградба на висококатниците кај Алумина? Ковачевски да каже и дали Јакимовски пред него претставил план и податоци за сите градежни инвестиции во Карпош кои откако ќе ги преземе владата ингеренциите ќе може да се реализираат?“, прашува Јаревски и го повикува Ковачевски да каже „дали е спремен да го жртвува Карпош за бизнис зделката на Пуцко Петрол“.
„Тони Јаревски зборува глупости“, категорично вели градоначалникот Стевчо Јакимовски.
Тој го повикува Јаревски да каже од каде му е дипломата, за која Јакимовски тврди дека е повлечена од Собранието како невалидна.
Во врска со проектот „Алумина“, Јакимовски одговара:
„Јаревски да си го праша потпретседателот на својата партија Владо Мисајловски, кој како поранешен министер за транспорт и врски го туркаше истиот проект со израелска фирма. Како тоа овој проект тогаш беше добар и тие не працвеле бизнис, а сега проектот не е добар а ние сме правеле бизнис? Повторувам, јас и тогаш и сега го поддржувам овој проект, затоа што тој е добар“, категоричен е Јакимовски.