Дачиќ и Вулин први ја примија руската вакцина Спутник 5
Сметам дека би било сосема погрешно да се појавуваат теории на заговор што можат лошо да влијаат на јавното здравје - изјави Дачиќ.
Претседателот на српскиот Парламент Ивица Дачиќ, министерот за внатрешни работи Александар Вулин и државниот секретар во Министерството за здравство Мирсад Ѓерлек ја примија руската вакцина за коронавирус Спутник V во Институтот за вирусологија, вакцини и серуми Торлак во Белград.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Дачиќ изјави дека тој и министерот Александар Вулин биле вакцинирани само за да им дадат пример на другите граѓани.
– Вакцината мора да има две основни својства, според заклучоците во Европската унија и Светската здравствена организација – да биде ефикасна и безбедна. Наше не е да разговараме сега за стручни прашања. Дека вакцинацијата е неопходна и плодотворна, покажуваат и примерите на некои големи болести кои беа искоренети благодарение на неа. Против Ковид можеме да се бориме со вакцини ако тие се ефикасни и безбедни. Сметам дека би било сосема погрешно да се појавуваат теории на заговор што можат лошо да влијаат на јавното здравје – изјави Дачиќ.
Според најавите, оваа недела во Србија треба да се дадат 2.400 дози вакцина Спутник V.
Инаку, на 24 декември, премиеката Ана Брнабиќ, министерката Дарија Кисиќ Тепавчевиќ и епидемиологот Предраг Кон беа први кои се вакцинираа против короната, а ја примија вакцината Фајзер.
Тогаш започна вакцинацијата на корисниците на домови за стари лица, а од вчера и здравствените работници примаат вакцина против короната. Планот е да се вакцинираат 11.000 лица до крајот на неделата.