Да застанеме со науката, за да не го оставиме човекот сам пред болеста
Во епоха во која секој има право на свое мислење за науката, медицината и јавното здравје, оваа порака звучи речиси како морална обврска. Да се застане со науката не значи да се брани некаква далечна лабораторија, туку да се брани правото на човекот на вистина, на точна дијагноза, на навремена терапија, на систем што не одлучува според дезинформацијата, туку според силата на доказот.
Во пресрет на 7 април, Светскиот ден на здравјето, вреди да се задржиме на пораката што годинава ја испраќа Светската здравствена организација: „Together for health. Stand with science.“ Технолошкиот напредок, експоненцијалниот раст и развој на вештачката интелигенција и нејзиниот продор во науката, на оваа порака и придава важност како една од најважните цивилизациски пораки на нашето време. СЗО ја започна 2026 година ставајќи го во фокус научното знаење, соработката меѓу институциите и One Health пристапот – свеста дека здравјето на луѓето е неразделно поврзано со здравјето на животните, растенијата и животната средина.
Во епоха во која секој има право на свое мислење за науката, медицината и јавното здравје, оваа порака звучи речиси како морална обврска. Да се застане со науката не значи да се брани некаква далечна лабораторија, туку да се брани правото на човекот на вистина, на точна дијагноза, на навремена терапија, на систем што не одлучува според дезинформацијата, туку според силата на доказот. Науката во здравството е неговата совест. Без неа, политиката лесно ќе заврши во импровизација, а импровизацијата во здравството ја плаќа човекот со своето време, својата болка, а понекогаш и со својот живот.
Токму затоа, кога зборувам за реформи во македонското здравство, не сакам тие да се сведат само на бирократски измени, на нови формулари или на административни поместувања. Моето уверување е дека здравствениот систем може да стане поправеден и поефикасен само ако стане понаучен. А тоа значи нешто многу конкретно, како што се уредни податоци, проверливи патеки, протоколи, електронски евиденции, институционална и дигитална меморија, развиени капацитетите да се учи од фактите. Во овој контекст беше и идеја да подготвиме законски измени со кои медицинската документација, упатите, рецептите, извештаите и регистрите треба да се водат дигитално, со единствено електронско здравствено досие за секој пациент. Во оваа насока и телемедицината, која веќе успешно се тестираше во триаглоникот Скопје-Дебар-Делчево, не ја гледаме како технолошки егзотизам, туку како начин знаењето да патува побрзо од пациентот и да ја приближиме специјалистичката грижа до местото на живеење.
Научниот пристап денес има и уште една важна димензија, а тоа е свеста дека здравјето повеќе не може да се гледа изолирано, како затворен однос меѓу лекарот, пациентот, амбулантата и болницата. Токму затоа СЗО годинава толку силно го истакнува One Health пристапот, кој здравјето го разбира како поврзаност меѓу луѓето и ритамот на животот во природата. Овој пристап е одговор на реалноста на нашето време: новите заразни закани, антимикробната резистенција, климатските влијанија врз здравјето и потребата системите да научат да предвидуваат. Колку повеќе светот станува меѓузависен, толку повеќе и здравството мора да стане научно поврзано и институционално координирано.
Оттука, да се застане со науката не значи само да се биде „за“ медицината, туку да се биде за држава што одлучува врз основа на проверливи сознанија. СЗО во својата глобална стратегија за дигитално здравје вели дека дигиталните здравствени иницијативи можат да дадат резултат само ако се потпрат на робусна стратегија што ги поврзува финансиските, организациските, човечките и технолошките ресурси. Тоа е важна поука и за нас дека технологијата сама по себе не спасува. Но, кога е ставена во служба на медицинските протоколи, знаењето, институционалната меморија и одговорноста, таа станува алатка на ефикасноста и ефективноста на системот, но и на неговата вредносна интенција да биде правичен. Во таа смисла, процесите на дигитализација кои ги започнавме во нашиот здравствен систем, не ги доживувам како украс на модерноста, туку како нужен предуслов системот да научи да мери, да следи, да споредува и да одлучува со повеќе разум, а со помалку импровизација.
Најразвиените здравствени системи веќе одамна не се задоволуваат само со тоа да регистрираат што му се случило на пациентот. Тие се движат кон тоа подобро да предвидат што може да му се случи. Токму затоа и Европската унија денес инвестира во иницијативи како Virtual Human Twins, во рамки на пошироката визија за European Health Data Space, каде здравствените податоци, интероперабилноста, суперкомпјутерската обработка и вештачката интелигенција не се третираат како технолошка игра, туку како темел за попрецизна, персонализирана и предиктивна медицина. За Македонија, ова не е тема за денешно самозалажување, туку за утрешна ориентација: да знаеме кон каков систем треба да се движиме, дури и кога уште ги решаваме основните слабости на сегашноста.
Овде почнува и вистинската модернизација која освен повеќе екрани, подразбира и повеќе траги, записи од процесите. Здравството може да заслужи поголема доверба, само ако има систем што памети, поврзува и проверува. А таков систем може да се изгради само ако стои на темелот на науката и нејзините достигнувања.
Секако, би било нечесно да се тврди дека здравствениот систем на Македонија ги нема своите тешки, материјални слабости. Ги има и тие се реални. Имаме недостиг на кадар, потреба од подобра инфраструктура, потреба од повеќе ред, повеќе дисциплина и повеќе предвидливост. Но токму затоа денес ни е потребна повисока референца во науката за да не останеме заробени во сегашноста. Здравството не може вечно да биде само реактивно и да се заснова на привремени решенија, треба да се движи кон систем што ќе умее да предвидува, споредува, анализира и учи од сопствените податоци. Тоа е суштината на модерното здравство, и тоа е причината зошто научниот пристап е нужност за држави што сакаат да излезат од циклусот на импровизација.
Науката, меѓутоа, не добива смисла дури тогаш кога ќе стане голема европска стратегија. Таа добива смисла и тогаш кога ќе стане човечки подвиг во една конкретна операциона сала, подвиг од рацете на тим кој е исполнет со знаење, но и достоинство. Затоа вреди да се каже дека и во Македонија веќе постојат примери во кои научниот и стручниот потенцијал не се само некоја магловита желба, туку и реалност. Успешно реализираните 16 трансплантации на рожница во соработка со експерти од САД се доказ дека кога знаењето, меѓународната соработка и домашниот кадар се сретнуваат во иста цел, тогаш и нашиот систем знае да прави исчекори што до вчера се доживувале како далечни. Науката, во тој миг, е враќање на видот. Таа е враќање на можноста, потсетник дека и мала држава може да развива човечки и научни ресурси ако постои насока и институционална истрајност.
Како информатичар по образование, а денес како министер за здравство, длабоко верувам дека иднината на здравството нема да се одреди само од тоа колку болници ќе изградиме, туку и од тоа како ќе научиме да ја претвораме науката во политика. Не ми е блиска логиката во која технологијата е цел сама по себе. Но ми е блиска логиката во која дигитализацијата станува форма на правда: кога човекот добива побрза услуга, кога лекарот добива појасна слика, кога системот добива трага, а државата добива можност да одлучува поодговорно.
И можеби токму тука е најдлабоката смисла на овогодишната порака на СЗО. Да се застане со науката значи да се прифати дека нема достоинствено здравство ако системот не почива врз знаење, доказ и способност да учи. Науката ја штити човечноста од самоволието, незнаењето и случајноста. А држава што навистина стои со науката, всушност стои со најранливиот човек во мигот кога нему му е потребна сигурност и вистина. Во тоа е етичката и цивилизациската тежина на оваа порака: здравството не смее да биде простор во кој човекот ќе биде оставен сам пред болеста, туку систем во кој знаењето ќе застане на негова страна.
Затоа, во пресрет на 7 април, не сакам да ја читам пораката „Together for health. Stand with science.“ како уште една симболична реченица што ќе ја повториме и ќе ја заборавиме. Сакам да ја читам како обврска. Да застанеме со науката значи да застанеме со здравствен систем што ќе биде посмирен, попрецизен, поправеден, поодговорен, но и заснован на докази. И најмногу од сè, да застанеме со науката значи да застанеме со човекот – затоа што на крајот, секоја вистинска реформа во здравството има само еден тест на нејзината смисла: дали го заштитила човековото достоинство во мигот кога тоа било најранливо.